Работничкиот синдикат на Hyundai Motor доби дозвола да отпочне со штрајкот, објави денес синдикатот на корејскиот производител. Тоа ќе биде првата побуна за повисоки плати во Hyundai во последните пет години.
Националната комисија за работни односи, владина организација што посредува при спорови со работниците, издаде одобрение за отпочнување на штрајкот во најголемиот производител на автомобили во Јужна Кореја. Тоа денес го објави работничкиот синдикат во Hyundai Motor.
Комисијата утврила дека постојат значајни разлики во ставовите меѓу управата на компанијата и синдикатот, извести новинската агенција Yonhap. Оттаму уште немаат искажано свој став околу ситуацијата.
Синдикатот најави состанок за в среда, на којшто ќе се решава за следните чекори. Членовите на синдикатот во петокот гласаа да излезат на протести, доколку компанијата не ги прифати барањата за зголемување на платите, како и за зголемување на старосната граница за пензионирање.
Претставниците на синдикатот кажаа дека и покрај тоа ќе продолжат да преговараат со управата.
Доколку се излезе на протести, тоа ќе биде прва акција од таков вид во последните пет години, за зголемување на платите во Hyundai Motor. Тоа може да предизвика последици врз испораката на некои од најпопуларните модели.
Hyundai има проблеми да ја врати продукцијата на повисоко ниво, предизвикани од долготрајниот кусок во снабдувањето со компоненти.
Штрајкот е можно да му предизвика на Hyundai оперативна загуба во висина до 1 билион вони, што одговара на 755 милиони долари. Дополнителен проблем со прекинот во производството е тоа што залихите од возила кај дистрибутерите во земјата се ниски, и поради тоа директно ќе трпи продажбата на возилата на Hyundai на домашниот пазар.