7.8 C
Skopje
Saturday, December 3, 2022

Што ќе сменат предвремените брзи избори?

Најчитани вести

Колумна на: Ерол Ризаов

Не е убаво да се каже, но војната во Украина е најголема шанса на пробудена Европа за интеграција на Западен Балкан. Губење време за предвремени избори е ризик за долгогодишен статус кво на Македонија. Пишува Ерол РизаовХристијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, сите свои јавни настапи и говори ги почнува и завршува со неопходноста од предвремени парламентарни избори. Тоа е неговиот пресинг од првиот ден на горчливиот опозициски леб. Со години неговата спасоносна понуда, брзи избори, е единствениот излез од сите кризи, економски, политички, здравствени, енергетски, морални и криминални со кои се соочува Македонија.

Тоа е решение и за односите со Бугарија и европската иднина на државата, за вистински почеток на преговорите со ЕУ, а не лажниот скрининг, се разбира, без притоа да се прават болни отстапки кои длабоко задираат во националниот идентитет, јазикот и историското минато. Смената на неспособната, предавничка и корумпирана власт е главниот предуслов Македонија да тргне напред.

Сите партиски активности на ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери од речиси првиот ден по поразите на последните парламентарни избори 2016 и 2020 година се насочени во тој правец. Особено засилени по големата победа на локалните избори, оставката на премиерот Зоран Заев и истражувањата на јавното мислење и рејтинзите на актуелните политичари. Би рекле, сосема легитимна цел на еден опозициски лидер и најголемата опозициска партија. Конечно, тоа е и суштината на политичкиот демократски натпревар.

Адутите на власта

Од друга страна, актуелниот премиер и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, со своите коалициски партнери цврсто се држи до одлучувачкото мнозинство во Собранието, кое само со најмалку 61 глас може да биде распуштено за да дојде до предвремени парламентарни избори, или тоа да се случи со изгласување на недоверба на владата. Притоа, главните адути на премиерот Ковачевски се успешното ублажување на увезените кризи, членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ, повикувајќи се на неопходноста од партиски консензус, заеднички став на сите релевантни политички партии за најважното стратегиско прашање како предуслов за успешни претпристапни преговори со членство во ЕУ 2030 година.

Коалициските партнери на власт и премиерот Ковачевски цврсто стојат на ставот дека не е загрозен ни националниот идентитет на македонскиот народ, ниту македонскиот јазик, ниту пак историското минато со влезот на Бугарите во Уставот и со преговорите на историската комисија, или со географската додавка северна во името на Република Македонија.

И ова е дел од легитимната политичка борба за одбивање на предвремени избори со аргументација дека има многу поважни работи отколку да се губи време на предизборни кампањи кои практично се присутни постојано во целиот период на македонската транзиција веќе 32 години.

Ова би било една минијатурна „разубавена“ слика на политичкиот натпревар во една нормална и пристојна демократија кога тоа би биле вистинските разлики и мотиви за освојување, или задржување на власта и остварување на програмските определби на политичките партии и лидери за подобра Македонија.

Примитивна војна зад фасадата

Но, зад таа фасада перманентно се одвива една жестока и примитивна војна на голема штета на граѓаните и на државата. Во еден долг период тоа беше подземна режимска пресметка со прислушување и држење под надзор на илјадници луѓе, време на озаконет грабеж и сеење страв, на гаснење медиуми и нарачани затворски казни познат како „ерата на груевизмот“, за сега да прерасне во една сосема отворена и јавна блокада на сите активности кои водат кон она што декларативно се определуваат парламентарните политички партии.

Во експлозија на лажни вести на социјалните мрежи и ниска комуникациска култура не остана ништо неизвалкано и некомпромитирано. Со погрешното поимање на демократијата сѐ е дозволено речиси без никакви последици за фабриките на лаги. На ужас на сѐ помал број луѓе тој валкан и примитивен натпревар се претвора во нормална политичка борба на унаказената македонска демократија. Таквиот амбиент, на кој се приклучија и највисоките академски и универзитетски средини, кои треба да бидат предводници на прогресот и македонската европеизација, не дозволува да се видат јасно патиштата за остварување на најзначајните државни интереси.

Ако преговорите со ЕУ ги содржат сите декларативни и програмски определби на најголемите политички партии во власта и во опозицијата, зошто тој натпревар за побрзо остварување на овие фундаментални цели не се префрли на тој терен? Како што се владеење на правото, бескомпромисната борба против организираниот криминал и високата корупција, економските реформи, подобро образование, изградба на модерна инфраструктура, заштита на човековата околина, повисок стандард на населението, побрз развој на демократските процеси, независно судство и новинарство, современо земјоделство, рамноправен напревар со европските земји членки на ЕУ.

Не е убаво да се каже, но војната во Украина е најголемата шанса на пробудена Европа за интеграцијата на Западен Балкан. Губењето време за предвремени избори со лагите за подобри договори со соседите е ризик на долгогодишно статус кво на Македонија.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести