На крајот на месец јуни, беше завршен историскиот самит за меѓународна солидарност – Париска агенда за луѓето и планетата Земја. Пред неколку дена, лидерите на Африка ја повторија и ја зајакнаа оваа динамика со усвојување на „Декларацијата од Најроби“ за време на првиот климатски самит за Африка кој се одржа во Кенија. Самитот на Г-20, кој се одржува во Њу Делхи на 9 и 10 септември, е следната голема пресвртница со која оваа агенда ќе се поттикнува да се движи напред, пред самитот за целите за одржлив развој предвиден за 18 и 19 септември 2023 година, потоа Самитот на иднината во септември 2024 година и четвртата Конференција за финансирање за развој во 2025 година.
Самитот во Париз ја покажа нашата цел: свет во кој сиромаштијата е елиминирана, здравјето на нашата планета е зачувано, а земјите кои се ранливи ќе бидат во подобра состојба да се соочат со кризите што произлегуваат од климатските промени и конфликтите.
За да ги исполниме овие цели, ние мораме да ги искористиме сите извори на финансирање, вклучително и официјално достапната развојна помош, домашните ресурси и приватните инвестиции. Покрај тоа, ние мора да останеме обединети. Во насока на спречување на фрагментација, управувањето со меѓународната финансиска архитектура е нешто што мора да биде трансформирано за да биде поефикасно, поинклузивно, поправедно и посоодветно за светот денес.
Нашите очекувања за Самитот на Г20 во Делхи се големи, особено заедно со аспирациите на нашите партнери од Африка кои се состанаа во Најроби на 4-6 септември со цел нивно обединување во справувањето со глобалниот климатски предизвик.
Признанието на Г-20 дека Африканската унија треба да биде полноправна членка би било историско и ги повикуваме сите наши партнери да ни се придружат во одобрувањето на оваа одлука. Ние сме решени сме да ги обезбедиме трансформативните промени што ги предлагаме и од нив корист да имаат сите ранливи земји во развој, во сите региони, вклучително и во Латинска Америка и Карибите.
Во таа смисла, идентификувавме четири принципи кои ќе помогнат во остварувањето на таа цел:Ниту една земја не треба да избира помеѓу борбата против сиромаштијата и борбата за заштита и зачувување на планетата Земја. Соочени со различни потреби, државите можеби ќе треба да следат различни транзициски патишта за потоа заедно да се сретнат на патот кон исполнување на целите од Парискиот климатски договор од 2015 година (Ова е причина зошто ги забрзуваме Партнерствата за праведна енергетска транзиција и пакетите за државите кои се однесуваат на шумите, климата и природата). Потребни се повеќе финансиски средства за да се поддржат ранливите економии, обиди да се извлече нивното население од сиромаштија и истовремено да се заштити планетата. Остварувањето на денешниве глобални предизвици (од постигнување нето-нула емисии на стакленички гасови до намалување на нееднаквоста) ќе зависи од поголемата употреба на приватен капитал и негов проток кон економиите во развој.
За поддршка на конкретните мерки што беа договорени или подобрени на самитот во Париз минатиот јуни и сега во Најроби овој месец, на светот ќе му биде потребен силен финансиски стимул. За среќа, веќе ја постигнавме целта од 100 милијарди долари специјални права на повлекување (СДР, инаку пресметковна единица на Меѓународниот монетарен фонд) или еквивалентни придонеси кои треба да се насочат кон најранливите земји во светот, особено во Африка. Сега повикуваме на дополнителни ветувања. Државите кои се способни да обезбедат дополнителни механизми за повторно канализирање на СДР треба да го сторат тоа и брзо да ги исполнат своите ветувања.
Постои голема веројатност дека и оваа година ќе ја достигнеме нашата цел од 100 милијарди долари за климатско финансирање. Ние внимателно ќе ја следиме оваа цел и ќе се обидеме да обезбедиме најранливите земји да имаат пристап до нивниот удел.
Но, треба да бидеме поефикасни во искористувањето на овој капитал. Секој долар од заемите кои доаѓаат од мултилатералните развојни банки (МДБ) треба да биде надополнет со најмалку еден долар приватно финансирање. Врз основа на тоа, очекуваме економиите во развој секоја година да користат уште најмалку 100 милијарди долари како дополнителни пари од приватни извори.
Исто така, очекуваме севкупно зголемување од 200 милијарди долари на капацитетот за заеми на МДБ во следниве десет години преку оптимизирање на нивните биланси и со преземање на поголеми ризици. Доколку се спроведат реформите на МДБ за кои сега се дискутира, на овие институции можеби ќе им биде потребен повеќе капитал. Ја потврдуваме важноста од спроведувањето на големи инфраструктурни проекти во Африка и сакаме да ја продолжиме нашата соработка во оваа област.
Неопходно е да ја подобриме навременоста и предвидливоста на механизмот за координација за преструктуирање на долгот за земјите со ниски приходи (Заедничка рамка за третман на долгот на Г20) и да разговараме за нејзино проширување и кон земјите кои имаат пониски средни приходи. Од наша страна, исто така, е потребно да го забрзаме суспендирањето на долгот тогаш кога тоа е потребно, како и да го зголемиме фискалниот простор за земјите кои се соочуваат со должнички проблеми.
Заедничката рамка веќе е реализирана за Чад и Замбија, а таа може и мора да се користи и на други места. Вистината е дека земјите мора меѓусебно да се поддржуваат кога некоја од нив ќе се соочи со катастрофа. Сето ова бара постоење на конкретни алатки кои ќе помогнат во зајакнувањето на нивната отпорност, вклучително и одредба за климатска криза во договорите за задолжување.
Ова е, без сомнение, една амбициозна агенда. Сите финансиски институции и актери ќе треба да работат заедно за да ја исполнат агендата. Еден од овие заеднички напори мора да подразбира и координација помеѓу МДБ и јавните развојни банки во глобалната мрежа на развојни банки наречена „Finance in Common“. Соработката на полето на енергетска транзиција може да се постигне преку Климатскиот клуб, кој беше формиран од Г7 со цел да го реализира Парискиот климатски договор.
Сепак, ќе треба да се најдат нови начини за меѓународно оданочување, заедно со лидерите на Г-20, со цел да ги исполниме нашите климатски обврски. Тука, државите ќе треба да воведат построги контроли врз оние финансиски текови кои се обидуваат да ги избегнат легитимните системи на оданочување.
Освен подобреното спроведување на оданочувањето, на земјите во развој ќе им бидат потребни и фер партнерства што ќе им овозможат да создадат додадена вредност преку локална преработка на суровините и на суштински важните минерали, и кои ќе ја зајакнат нашата посветеност да ја унапредиме инфраструктурата за здравствена заштита и обезбедувањето на храна.
Амбициозното финансиско надополнување од Меѓународната асоцијација за развој, продлабочувањето на инструментот за намалување на сиромаштијата и раст на ММФ и зголеменото финансирање од Светската банка и од другите концесиски капацитети на ММФ, исто така, може да одиграат голема улога во помагањето на најсиромашните земји во светот. Тука е јасно дека вклучувањето на климатската ранливост, како тема, во мисијата на Светска банка/ММФ ќе овозможи повеќе инвестиции во проекти кои им помагаат на сиромашните земји во борбата против климатските промени. Покрај тоа, ние мораме да создадеме нов меѓународен финансиски инструмент за шумите, преку кој ќе може да се плаќа за екосистемските услуги. Исто така, ќе биде неопходно да се ублажат или намалат ризиците, особено девизните ризици, од таквите инвестиции.
За да можеме да обезбедиме дека обврските ќе се претворат во конкретни остварувања, формиравме заеднички работен комитет во кој се вклучени меѓународни и регионални организации, земји и граѓански општества со цел следење на овој патоказ.
Состанокот на Г-20 мора да покаже дека светските лидери се подготвени и сериозни во намерата за реализација на париската агенда за да се постигне заложбата за „Една планета, едно семејство, една иднина“.