Home » Шолц мора силно да ја притисне Бугарија, има механизми за тргање на ветото, смета германски пратеник

Шолц мора силно да ја притисне Бугарија, има механизми за тргање на ветото, смета германски пратеник

by Журнал.мк

Веродостојноста на процесот на проширување на ЕУ и мотивацијата на Западниот Балкан за такво нешто може да се вратат со почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, вели германскиот пратеник и член на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот од редовите на ЦДУ, Кнут Абрахам, во разговор за „Дојче веле“.

Осврнувајќи се на претстојната посета на германскиот канцелар Олаф Шолц на Скопје и Софија, во обид да издејствува решение за спорот меѓу двете земји и почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, Абрахам смета дека притисокот мора да се насочи кон Бугарија.

– Мораме да извршиме огромен притисок врз пријателите во Софија и да им укажеме дека билатералните прашања, како што е македонско-бугарскиот проблем, не смеат да го блокираат целиот процес на проширување на Западниот Балкан – вели Абрахам.

ЕУ и Германија, според него, имаат механизми да ја натераат Бугарија да го тргне ветото.

– Тука мислам на очекувањата на бугарската Влада од ЕУ, но и билатералните очекувања, и ние мора тоа да го искористиме за да им ставиме јасно до знаење на пријателите во Софија, дека овој проблем е таков, што мора да се решава на билатерално, а не на европско ниво – вели Абрахам.

Тој смета дека на сите земји-кандидати за членство во ЕУ треба да им се даде можност за поблиска интеграција, во прв ред економска, со Унијата уште пред да станат членки. Коментирајќи ја таквата идеја на францускиот претседател Емануел Макрон, Абрахам вели дека поентата не е тие земји да останат надвор од ЕУ, туку економската асоцијација да биде еден од чекорите кон полноправно членство.

– За нас во ЕУ е важно да разгледуваме модели во кои државите ќе усвојуваат делови од европското законодавство, особено за внатрешниот пазар, и на тој начин ќе можат да имаат корист од економските предности на Европа без да бидат полноправни членки. Таквото поврзување или членство во внатрешниот пазар е чекор кон полноправно членство, а не замена за полноправното членство – вели Кнут Абрахам.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More