14.8 C
Skopje
Sunday, October 2, 2022

Шолц ги притиска Вучиќ и Курти на преговори

Најчитани вести

Првата голема балканска задача на новиот германски канцелар е извршена: во Берлин беа Вучиќ и Курти, политичарите во чии раце е актуелно најголемиот политички проблем на Балкан – односите меѓу Србија и Косово.

На Олаф Шолц очигледно му е важно продолжување на фазата на засилен германски ангажан на Западен Балкан и во текот на неговиот мандат. „На земјите од Западен Балкан местото им е во ЕУ, тоа не е празно ветување, ниту флоскула“, изјавил Шолц. Вучиќ нешто подоцна, на заедничката прес конференција изјави дека канцеларот му рекол дека перспективата „не е фатаморгана, не е илузија“, туку нешто што навистина ќе се случи.

Шолц важноста од српско-косовски договор се обидел да го објасни со методот на стап и морков: од договорот меѓу Србија и Косово ќе профитираат двете земји, посебно младите луѓе. Зашто, спогодбата ќе донесе стабилност, инвестиции и благосостојба. Тоа е морковот.

Стапот, барем за Србија, се крие во еден важен аспект кој германската стана го споменуваше сите години наназад во споредни реченици, но сепак прилично недвосмислено: конечниот договор ќе мора да содржи и признавање на Косово. Сега тоа првпат отворено го кажа и еден германски канцелар. Тој по разговорот со косовскиот премиер Албин Курти кажа како ја замислува нормализацијата на односите меѓу двете држави:

„Тоа ќе функционира само низ конкретни договори постигнати меѓу двете земји. Тука има многу детали, но секако тука спаѓа она што Германија одамна го направи, а тоа е признавање на Косово“, рече Шолц.

Неколку часа подоцна, по разговорите со српскиот претседател Александар Вучиќ, Шолц избегна спомнување на признавањето, а зборуваше за „сѐопфатен договор“ чие постигнување ќе бара „многу храброст и одлучност“. Вучиќ по тоа изјави дека Србија не би требало да биде таа која ќе мора единствена да „проголта кнедла“ на патот кон конечен „сѐопфатен договор“.

„Верувам дека ќе имаме сили да дојдеме до одреден напредок во преговорите, иако нема да биде лесно. Ќе дадеме сѐ од себе да најдеме компромисно решение“, изјави Вучиќ. Германските медиуми оваа констатација во своите извештаи ја окарактеризираа како „приближување кон Косово“, но за оние кои ги следат преговорите, таа изјава не е нова и не наведува кон восхит. Шолц вети германска поддршка за продолжување на преговорите на Србија и Косово.

Западен Балкан и натаму во фокус

Наспроти очекувањата, војната во Украина беше спомената само релативно кратко. Без оглед на тоа, Шолц темата ја поврза со изгледите за членство во ЕУ. „Сега ЕУ, како и кандидатите за членство, мораат да дејствуваат заеднички“, нагласи канцеларот.

Тој се воздржа од критики поради одбивањето на Србија да воведе санкции кон Русија, изјавувајќи дека смета оти со повеќекратната осуда на руската агресија, Белград јасно се определил. „Србија многу јасно застана на страната на Европа, обвинувајќи ја агресијата“, рече Шолц.

Германскиот канцелар на Вучиќ, како што изјави, му изразил загриженост поради „сецесионистичките тенденции“ во Босна и Херцеговина, со што во разговорот го вовел другиот најголем безбедносен аспект во поглед на Западен Балкан.

Вучиќ денеска има средби со германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок во Берлин, по што се враќа во Белград, каде како гостин му доаѓа германската министерка за одбрана Кристине Ламбрехт, што исто така покажува германска сѐприсутност на Балкан.

Канцеларот од своја страна, со најавата за скора посета на Белград и Приштина, како и организација на нова конференција за Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес, а која би требало да се одржи наесен, стави до знаење дека Берлин и натаму има намера да го држи на око тој дел од Европа.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com