14.8 C
Skopje
Saturday, October 23, 2021

Шилегов од Карпош: Клучката кај Момин Поток ќе биде најсофистицираното сообраќајно решение

Најчитани вести

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов заедно со кандидатот за градоначалник на Општина Карпош Душко Весковски и министерката за одбрана Радмила Шекеринска вечерва остварија повеќе средби со граѓаните од оваа скопска општина.

„Карпош е една од најразвиените скопски општини. Со малку посветеност и работа може многу да се направи буквално за секое катче од оваа општина. Реконструиравме делови од булеварите Партизанска од 8-ми септември до кружниот тек во Ѓорче Петров и 8-ми септември од Илинденска до Скупи. На 8-ми септември изградивме и велопатеки од Партизанска до Скупи. Целосно ги реконструиравме улиците Лондонска, Љубљанска, Московска, Брадфордска, Никола Парапунов и Ацо Шопов“, изјави Шилегов осврнувајќи се на реализираните проекти во делот на инфраструктурата.

„Денес имавме прес кај Клучката на Момин Поток, таков сложен сообраќаен зафат во Скопје не е направен со децении наназад. Оваа раскрсница која ја паметиме по огромни гужви каде поминуваат 25 до 30.000 возила дневно, спојува четири општини, го добива најмодерното и најсофтицираното сообраќајно решение било кога изработено во урбана средина во државата. Градиме издигнат булевар на 9 метри, со кружен тек во ридот кај касарната, со којшто овозможуваме анулирање на семафорската сигнализација и движење без застој на сите видови сообраќај. Таму за прв пат ќе изградиме велосипедски мост, вело патеки мора да има како составен дел од сите идни сообраќајни решенија во градот“, нагласи Шилегов.

Тој додаде дека преку ова сообраќајно решение, заедно со клучката и пробивањето на бул. Словенија до Волково и пробивањето на Хасан Приштина до обиколница во правец на Косово, целосно се решава на долг рок сообраќајот во овој дел од градот.

„Мостот на ул. Љубљанска е вториот од двата моста кои ги започнавме за само еден мандат. Мостовите ги приближуваат луѓето, овој мост ја олеснува комуникацијата на жителите од Карпош 3 и 4 со жителите на Бардовци и Злокуќани. Со изведбата на првата траса на БРТ системот на брз автобуски превоз, одново ќе го изградиме и мостот Обединети нации, кој сега ќе биде и поширок и побезбеден за сообраќај. Во овој дел од градот ги реконструиравме средните училишта Георги Димитров, Никола Карев, Орце Николов, Лазар Танев и Здравко Цветковски, а обезбедивме и прочистувачи за воздух за секоја училница“, рече Шилегов.

Тој кажа дека во Карпош подигнати се над 43.000 метри квадратни нови и реконструирани паркови површини, со засадени над 2.300 садници.

„Општина Карпош е побогата за два нови урбани скверови со повеќе зеленило и содржини за одмор и релаксација, еден кај објектот на Пожарната во Тафталиџе, а другиот кај гимназијата Орце Николов“, рече Шилегов

Тој најави нов градски парк на површина од 86.000 квадрати, со неколку видиковци, урбана шума кон блиските згради, простор за летна сцена, сервисна уличка за пристап и поплочен кеј со дрворед.

„Во соработка со општина Карпош во следниот мандат предвидовме реконструкција и адаптација на библиотеката „Другарче“, во нов мултимедијален центар на културата, каде што младите ќе имаат можност да разменуваат знаења и искуства. Вие сте сила која е гаранција дека Скопје нема да запре, дека нема да назадува, вие сте гаранција дека ќе го градиме Скопје какво што вие сакате, вие сте гаранција за победа. Затоа е важно да излеземе на 17 октомври и да избереме континуитет за европско, уредно и зелено Скопје“, рече Шилегов повикувајќи ги жителите на Карпош на 17 октомври да излезат масовно на избори и да гласаат за Коалицијата „Најдоброто за мојата општина“.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com