Словенецот Бенјамин Шешко ќе потпише договор со бундеслигашот Лајпциг. Еден од најталентираните играчи во својата генерација, беше на мета на бројни европски екипи, меѓу кои и европски гиганти. Лајпциг сепак успеа да ја добие битката со Манчестер јунајтед и Челзи. Шешко ќе потпише шестгодишен договор со Лајпциг, а до крајот на сезоната ќе остане на позајмица во Салцбург.
Германскиот клуб ќе му плати на Салцбург дури 55.000.000 евра обесштетување. Бројка која е за почит дури и за споменатите гиганти, Манчестер јунајтед и Челзи. Во игра беше и Њукасл, кој со новиот сопственик има големи амбиции.
Сепак со исклучок на сумата за обесштетување, трансферот не изненадува бидејќи станува збор за „братски“ клубови со ист спонзор. Ова е е прв, а нема да биде ниту последен пат да се случуваат трансфери меѓу Салцбург и Лајпциг.
Младиот Словенец кариерата ја започна во својот матичен клуб Радече, а потоа играше во Словенија за Рудар Трбовље, Кршко и Домжале, од каде замина во Салцбург.
Шешко најпрво беше позајмен во австрискиот тим Лајринг, каде на 44 натпревари постигна 22 гола. За Салцбург одигра вкупно 28 натпревари, постигна шест гола.