1 C
Skopje
Friday, February 26, 2021

Шефот на грчката дипломатија Дендиас утре во Скопје: Доаѓам кај сојузник на Грција во НАТО

Најчитани вести

Министерот за надворешни работи на Хеленската Република, Никос Дендиас, утре ќе престојува во официјална посета на Република Северна Македонија, во рамки на која ќе има средба со неговиот домаќин шефот на дипломатијата Никола Димитров.

Како што соопшти МНР, на средбата е предвидено да се разговара за билатералните односи, за политичката и економска соработка, како и за европската перспектива на нашата земја и регионот.

Исто така, се додава, предвидено е да се разгледаат и можностите за унапредување на политичкиот дијалог меѓу двете земји, во светло на имплементацијата на обврските од Преспанскиот договор.

Дендиас во ексклузивна изјава за МИА во пресрет на неговата утрешна прва посета на Скопје изрази силна поддршка за европската перспектива на Северна Македонија. Тој открива дека Грција работи на преземање конкретни иницијативи, со цел ЕУ да даде зелено светло за нашата земја, а при тоа изразува и силната поддршка за европската перспектива и на целиот Западен Балкан, политика која, како што вели, преку Солунската агенда, Атина ја вовела во приоритетите на Европската унија.

– Нашата поддршка за почеток на пристапни преговори на Северна Македонија со Унијата е дадена. Работиме на тоа и преземаме конкретни иницијативи, во консултација со сите наши партнери во ЕУ, со цел што е можно поскоро, во таа насока, да се донесе позитивна одлука во Унијата. Секако, она што се подразбира е дека од страна на Република Северна Македонија, не треба да се намали интензитетот на напорите за усогласување со европските стандарди. Исто како што се подразбира и дека од страна на Грција, ќе има силен поддржувач во овој нејзин обид – порачува Дендиас.

За утрешната посета на Скопје тој вели дека доаѓа во „земја сосед и набргу сојузник на Грција во НАТО“ и во земја која очекува „да биде и партнер на Грција во Европската унија во не толку далечната иднина“.

– Се надевам на конструктивни средби за време на мојата посета, што ќе донесат резултати во корист на двете соседни држави, резултати видливи и за нашите граѓани. Со мојот колега, министерот за надворешни работи, со господинот Димитров веќе се сретнавме неколку пати во изминатиот период и имаме искрен однос, однос на заемно почитување, на природност и искреност и на меѓусебно разбирање. Нашите билатерални односи се исклучиво важни и за двете наши земји. Работиме за нивно суштинско зајакнување и продлабочување во поширокиот спектар на области – вели Дендиас за МИА.

Во однос на Договорот од Преспа, шефот на грчката дипломатија порачува дека тој е обврзувачки и за двете земји и додава дека неговото целосно спроведување значи и дополнителен поттик за поголем развој и просперитет на двата народи.

– Неговото почитување е предуслов за непречен европски тек на Северна Македонија и затоа треба целосно и доследно да се спроведе. Целосното спроведување значи напуштање на провокациите од минатото, значи консолидација на добрососедските односи и заемно почитување. Значи дополнителен поттик за поголем развој и просперитет на нашите народи – истакнува Дендиас, кој утре заедно со заменикот министер за надворешни работи надлежен за економска дипломатија Костас Франкојанис, ќе престојуваат во еднодневна посета на Скопје.

Во рамки на официјалната посета на Република Северна Македонија, грчкиот министер за надворешни работи ќе се сретне и со претседателот Стево Пендаровски и со премиерот Зоран Заев.

Повеќе вести

- Advertisement -

Најнови вести