20.8 C
Skopje
Sunday, June 20, 2021

Шекеринска- Џерард: Сојузништвото меѓу Македонија и САД е темелот на нашето членство во НАТО

Најчитани вести

„Северна Македонија и Соединетите Американски Држави изминатите декади покажаа како се гради искрено и конструктивно, но и успешно пријателство. Ова пријателство беше темел на нашето членство во НАТО. Северна Македонија 30 години ја имаше оваа цел како своја стратешка цел и 30 години можевме да сметаме на соработката со САД. Нашата стратешка цел и вашата стратешка поддршка се должи на тоа што заеднички веруваме во исти вредности – човекови права, демократија, и владеење на правото”, истакна министерката за одбрана, Радмила Шекеринска по денешната средба со генерал- мајор Џозеф Џерард, заменик – командант на американските сили во Европа, кој престојува во еднодневна посета на нашата земја.

Министерката посочи дека двете земји ја покажаа својата цврста и блиска соработка и преку заедничкото учество на македонските и американските војници во мисиите на Алијансата.

„Нема поцврста и поблиска соработка од тоа својот живот да го довериш на војникот до себе, а тоа е она што македонските и американските војници го правеа сиве овие години, особено во Авганистан, прво во ИСАФ, а потоа и во ‘Одлучна поддршка”. Како што соработуваме во мировните мисии, така соработуваме и да ја зајакнеме колективната одбрана на Алијансата”, порача министерката.

Шекеринска се заблагодари на нашиот сојузник, САД, за континуираната поддршка за развој на полигонот „Криволак” кој сојузниците го препознаа како вистинска додадена вредност во системот на колективната одбрана на НАТО. Додаде дека со нетрпение ги очекуваме припадниците на 15-тиот инженерски баталјон од американските сили во Европа кои ќе пристигнат во нашата земја во текот на овој месец и заедно со инжинерците на Армијата ќе работат на подобрување на инфраструктурата на Криволак, што е шанса да имаме нови вежби и нов тип на вежбовни активности на полигонот.

„Заедно инвестираме во Криволак кој го градиме и како наш, но и како НАТО капацитет”, посочи министерката.

Подготовките на Криволак се вршат во пресрет на вежбата „Одлучен удар 21″ која ќе се одржи на крајот на пролетва, како дел од серијата вежби „Defender Europe 21″ („Бранител Европа 21″), на која учество ќе земат над 2.000 војници на армиите на Северна Македонија, САД, Бугарија и Грција.

Генералот Џерард рече дека му претставува чест и привилегија да биде првиот генерал во официјална посета на Република Северна Македонија по пристапувањето во НАТО. Додаде дека Северна Македонија е ценет безбедносен партнер и на регионално и на глобално ниво и дека двете армии уживаат блиска соработка преку партнерството на Република Северна Македонија, со Националната гарда од Вермонт. Генералот Џерард истакна дека нашата земја се покажа и како лидер во регионалните безбедносни иницијативи, како што се САД-Јадранската повелба и Балканските медицински наменски сили. Посочи дека во моментов американските сили тренираат заедно со Армијата на Северна Македонија во рамките на вежбата „Комбинирано решение XV” и порача дека со нетрпение ја очекува вежбата „Бранител Европа 21″, што ќе ја зајакне силната врска меѓу двете армии.

За време на престојот, генералот Џерард, ќе се сретне со заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, командантот на командата за операции, генерал-мајор Павле Арсоски, по што на издвоени брифинзи ќе биде запознаен со подготовките за вежбата „Одлучен удар 21″ и со капацитетите на армискиот полигон „Криволак”. Од страна на командантот на командата за обука и доктрини, бригаден генерал Методи Хаџи Јанев ќе бидат презентирани можностите на армискиот полигон „Криволак”, тековните активности на уредување на полигонот и плановите за развој на овој наш најголем вежбовен капацитет.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести