Селекторот на репрезентацијата на Шведска, Јане Андерсон го објави списокот на репрезентативци за натпреварите во квалификациите за Европското првенство. На списокот и на 41 година се најде Златан Ибрахимовиќ.
Кон крајот на февруари Ибрахимовиќ се врати на терените од повреда поради која паузираше скоро 10 месеци, му беше извршена операција на коленото.
„Златан веќе има три мали настапи за Милан и се чувствува дека е во форма, иако подолго време беше надвор од теренот. Мислам дека се уште има квалитет да донесе неѓшто плус во нашата репрезентација, како на теренот, така и надвор него“, изјави Андерсон при објавувањето на списокот.
За шведската репрезентација Ибрахимовиќ одигра 121 натпревар и постигна 62 гола. Во 2016 година се повлече од националниот тим, но во 2021 година се врати во квалификациите за Светското првенство во Катар.
Последниот натпревар Ибрахимовиќ за Шведска го одигра на 29-ти март против Полска (1:1). Шведска во квалификациите за ЕП е во група со Австрија, Азербејџан, Белгија и Естонија.