Министерот за образование и наука Јетон Шаќири на вебинар посветен на грижата кон надарените и талентираните деца, организиран од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола, истакна дека државата има механизам со кој ги поддржува талентираните ученици, но и дека постои простор за надополнување со нови мерки со цел грижата кон овие деца да биде покомплетна и поефективна.
Министерот Шаќири потсети дека талентираните ученици во земјава добиваат разни форми на финансиска поддршка и ја користат можноста да прескокнат најмногу до две одделенија за време на нивното образование, како и можностите за организирање на дополнителна групна или индивидуална настава со посебна програма која ја изготвува советот на наставници.
„Секоја година доделуваме стипендии за талентирани ученици по природни науки, талентирани ученици во области на уметноста и за талентирани спортисти од средните училишта. Тие кои ќе освојат прво место на државен натпревар, прво второ или трето место на меѓународен натпревар по математика, информатика и природни науки, или на некоја од меѓународните научни олимпијади исто така добиваат соодветни парични награди, а воедно се поддржува и нивното учество со покривање на трошоците за котизација и патување“, истакна Шаќири.
Потсети дека од учебната 2020/2021 година отворена е Математичко – информатичка гимназија во Скопје како специјализирано училиште каде по посебни програми се образуваат талентирани ученици од областа на математиката, физиката и информатиката, како и дека Фондот за иновации заедно со УНИЦЕФ креираат програми кои ги вклучуваат талентираните ученици и обезбедуваат поддршка кои ги поттикнуваат да ја развиваат својата креативност.
На денешниот вебинар, министерот Шаќири нагласи дека како Министерство и Влада прават системска реформа на основното образование, каде со нови наставни програми, нови учебници и целосно нов пристап на наставниците во наставата се поттикнува креативниот потенцијал на учениците.
„Со воведување на повеќе изборни предмети во основните училишта се дава шанса секој да го одбере тоа што му е предмет на интерес, а не нешто кое би му се наметнало. Така се овозможува рана идентификација на афинитети, предиспозиции и талент за одредена работа или во одредена област. Така и навремено започнува следењето на детето и се дава потребната поддршка за да напредува“, посочи Шаќири.