Министерот за образование и наука Јетон Шаќири го најави дијалогот меѓу централната власт, локалните самоуправи и бизнис заедницата кој ќе покаже кои стручни профили, во кои средни училишта и општини и со колку паралелки ќе бидат отворени во учебната 2022/2023 година.
Шаќири вели дека ќе има серија средби во сите региони во државата, овој и следниот месец, а социјалниот дијалог има за цел да го зголеми бројот на запишани ученици во средните стручни училишта, да ги поттикне компаниите да ги отворат вратите за феријална пракса или за дуални паралелки и да ја промовира важноста на средното стручно образование.
„Средните стручни училишта можат повторно да бидат прв избор на средношколците само доколку во овој процес на социјален дијалог директно се вклучат самите општини, локалните компании и средните стручни училишта, бидејќи градоначалниците, менаџерите на компаниите и директорите на училиштата најдобро знаат каде треба да се интервенира за да се обезбедат струки барани на пазарот на труд и кој е најдобриот начин тоа да се реализира. Колку е поуспешна оваа соработка и навреме се утврдат реалните потреби, толку побрзо ќе ја постигнеме посакуваната заедничка цел – да обезбедиме стручен кадар што недостига, но и да ја зголемиме можноста за побрзо вработување на младите веднаш по завршувањето на школувањето и нивно останување во местата каде што живеат и да придонесат за економски раст и развој на општините и на државата“, изјави Шаќири.
Тој ги повика градоначалниците да се вклучат во дијалогот како можност за креирање уписна политика соодветна на потребите на општините и укажа дека постигнатите резултати од минатогодишниот дијалог потврдуваат дека младите сѐ повеќе ги согледуваат придобивките од стручното образование и одлучуваат да го учат, затоа што им нуди повеќе можности – вработување веднаш по школувањето, но и подобар старт за запишување на некои од техничките факултети.
Обраќајќи се до бизнис секторот, Шаќири рече дека целта е што поголем број компании да се вклучат во дуалното образование, како докажан модел кој обезбедува стручни кадри подготвени директно да се вклучат во работа во средините каде ја изведувале практичната настава.
Во учебната 2021/22 година бројот на дуални паралелки од 11 се зголеми на 97 и во нив се запишани 1.400 ученици. Додека збирно во средно техничко образование се запишаа за 6% повеќе ученици во однос на минатата учебна година.
Во заложбите за унапредување на средното стручно образование, МОН ги привлекува учениците како со подобрување на наставните програми така и со менување на политиките за стипендирање. Оваа учебна година учениците запишани во дуалните паралелки во средните училишта во државата добиваат месечна стипендија во висина од 3.500 денари, што е уште еден поттик повеќе за постигнување подобри резултати, но и финансиско олеснување во процесот на школувањето.
Инаку, ова е втора година МОН да иницира дијалог на локално ниво, во соработка со Швајцарската амбасада и Проектот E4E@мк – „Образование за вработување“.