21.8 C
Skopje
Tuesday, June 15, 2021

Шансите Македонија да влезе во ЕЕО се рамни на нула

Најчитани вести

Ангел Наков, во текстот „Референдумот за влез во ЕЕО, ќе биде референдум за одлучување и одлуката од него е задолжителна“, помеѓу повеќе други лица, ме споменува и мене.

Вели дека сме биле „секој ден на телевизија“ и наведува дека таа група на – “…аналитичари… во ниту една прилика, нема кажано ниту збор за најважното прашање за иднината на Македонија, ќе влегуваме или не во ЕЕО“.

Чинам дека Наков повеќе пати се осврнува на ова прашање. Идејата за наше зачленување во ЕЕО, која кај нас често погрешно се нарекува ЗОНА место ОБЛАСТ, е добра ама изгледа дека Наков не навлегол во суштината бидејќи е тоа речиси невозможна мисија. Во неколку прилики, и на Само вистина на Канал 5, сум ја разработувал оваа тематика ама со конкретни аргументи. Пред сѐ, јавно ја критикував изјавата на претседателот Пендаровски кој рече, импровизирам, дека висок функционер од ЕУ му предложил да влеземе во ЕЕО, заради сите предности, ама тој одбил бидејќи некој друг му советувал дека тоа би било замена за ЕУ, што е за нас неприфатливо. Пендаровски не објасни дали за тоа известил некого во државата и дали се консултирал за така важна работа или сѐ завршило со наведеното. Впечатокот од  изјавата беше дека тој не информирал никого, што е несериозно. За такво нешто веднаш се прави длабинска анализа со сите pro и contra и потоа се зазема став, гради политика и прави стратегија.

Тоа е првиот дел од приказната. За да се стане дел од ЕЕО, мора прво да се влезе во ЕФТА, чии членки ја создадоа. Тоа е Европска слободна трговска асоцијација во која моментално членуваат Швајцарија, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн и постои од далечната 1960 година. На патот кон ЕУ, низ неа поминале речиси сите земји кои се сега во Унијата. Со ЕФТА раководи Совет составен од претставници на членките кој одлучува со консензус за сите прашања, вклучувајќи и за приемот на нови членки. Веќе од овој аспект е бесмислена изјавата на Пендаровски дека некој (важен!) од ЕУ му понудил членство во ЕЕО, што е можно само преку претходен прием во ЕФТА, за што одлучуваат четирите членки и никој друг не може ништо да прејудицира или наметне.

Овие четири држави, во договор за најширока соработка со ЕУ, ја формираа ЕЕО во 1992, а таа стана оперативна во 1994 година. Основно што треба да се знае е дека овие четири држави, во принцип, не сакаат да влезат во ЕУ и за да ги користат сите бенефиции на Унијата, одат по заобиколен пат. Исланд не е заинтересиран заради рибарството, кое е главна стопанска гранка на државата, а во ЕУ ќе ги загуби морските привилегии кои сега ги ужива. Норвешка е против заради енергетиката и рибарството… Сите тие се дел од Шенген. Членки на ЕЕО се Норвешка, Исланд и Лихтенштајн. И Швајцарија, во 1992 година, потпиша за да стане дел од ЕЕО и веднаш почна преговори и за членство во ЕУ. Во декември истата година беше одржан референдум за Унијата на кој 50,3 проценти гласаа против а 49,7 – за. Така, за 0,3 проценти, пропадна проектот. Берн, веднаш ги прекина преговорите со Брисел, кои беа откажани во 2016 година. Истовремено, Швајцарија се повлече и од договорот за ЕЕО и остана во ЕФТА. Затоа ЕЕО има само три членки. И Исланд преговарал со ЕУ од 2010 година, ама во 2013 се откажал. Во Норвешка имало два референдуми за членство во ЕУ, кои биле неуспешни, а според анкета од 2018 година дури 73,6 од Норвежаните биле против влез во Унијата.

Нам треба да ни биде јасно дека во ЕФТА се најбогатите европски земји. Додека просекот на ЕУ е 32.000 долари бруто национален доход по жител, во Швајцарија е 65.000, во Исланд е 75.000, во Норвешка 82.000, а во Лихтенштајн дури 143.000 долари. Лихтенштајн се наоѓа меѓу Швајцарија и Австрија и има 39 илјади жители. Исланд има 365 илјади жители и БДП од 27 милијарди долари. За споредба, македонскиот е околу 13,3 милијарди, или околу 6.600 долари по жител што е 10 пати помалку од тој на Швајцарија, која е „најсиромашна“ во ЕФТА. Логично е прашањето – дали со нашата социјална, економска и политичка стварност, вклучувајќи ги судството, корупцијата, криминалот… овие четири по многу што водечки европски држави, би не примиле во нивното друштво? Лично, се сомневам.

Не е точно ниту дека ЕЕО е некаква утешна награда. Напротив, таа е предворје на Унијата и последна која од таму влезе во неа беше токму Хрватска.

Неспорен факт е дека Македонија нема никакви шанси да влезе во Унијата за период покус од 10 години дури и условите да се идеални. Пореално е да се смета на цели 20 години почек или приближно толку, ама под услов дека некогаш и ќе влеземе. Црна Гора преговара од 2012 година, речиси 10 години, и е далеку од вратите на Брисел. Подгорица нема никакви проблеми со соседите, а Бугарија и Грција ќе се отепаат кој повеќе сопки да ни става во преговорите кога тие ќе почнат. Од сите аспекти, интерес на Македонија е да стане дел од ЕЕО каде се користат сите права на Унијата, освен политичките кои, на крајот од денот, за нас и не се најважни. Меѓутоа, барем засега, изгледа невозможно е да се стане дел од тоа друштво, иако треба да се направи сѐ што е во наша можност да се испита патот кој води во таа насока. Референдум засега не е потребен. Прво е потребна политичка одлука ама кај нас нема индикации за таков интерес. Надлежните би требало да ја информираат јавноста дали се размислувало на оваа тема, дали се извршени потребни анализи и тестирања за реалноста на идејата, дали е нешто друго преземено, во консултации со Брисел… Во суштина, ако веќе се обидуваме да влеземе во ЕУ и дури се пониживме со прекрстување и идентитетско обезличување, нема никаква основа да не сакаме во ЕЕО. Меѓутоа, воопшто не е едноставно да се влезе во еден таков елитен клуб, каква што е ЕФТА. Не е спорно дека треба и мора да се испитаат можностите.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести