Наполи го задржа шампионскиот тим кој на доминантен начин ја освои титулата во Серија А и ги задржа најголемите ѕвезди Виктор Осимен и Квича Кварацхелија, но сепак мораше да се помири со едно заминување кое сепак остави голема празнина.
Кореецот Ким после само една сезона во Италија направи трансфер во Баерн Минхен, па иако клубот заработи 50 милиони евра, претседателот Де Лаурентис реши да не се расфрла со пари во обидот да донесе негова замена.
Газдата на Наполи се одлучи за евтина опција и договори талентиран стопер кој вреди 10 милиони евра, а кој веќе пристигна во Италија за да ги одработи потребните медицински прегледи.
Италијанските медиуми објавија фотографии од пристигнувањето на Натан во Рим за каде се закажани медицинските тестови, па откако ќе заврши процедурата, ќе биде претставен како засилување за одбраната.
Натан е бразилски стопер кој има 22 години и кој бил следен од агентите на Наполи во Јужна Америка, а на „Диего Марадона“ доаѓа од редовите на Ред Бул Брагантино каде важел за столб во одбраната во сезоната која заврши.