16.8 C
Skopje
Monday, October 3, 2022

ШАЛАНБЕРГ: Руската воена агресија е пресуден момент за Европа, тоа од нас бара решителен одговор и тргање на ветото од Софија за Скопје

Најчитани вести

Изминатите месеци е направен суштински прогрес и сега е моментот за преминување кон следната фаза во процесот за интегрирање во Европската Унија, порача во интервју за МИА австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг, нагласувајќи дека почетокот на преговорите со Македонија и Албанија е најгорливото прашање, кое ЕУ треба да го реши за да го врати својот кредибилитет.

Шаленберг со ова одговори на прашањето за неговите очекувањата во јуни да се тргне бугарското вето за почеток на преговори на Македонија со ЕУ, а напомена и дека билатералните прашања треба темелно да се дискутираат и решаваат меѓу државите, но тоа треба да се направи на билатерално ниво и не треба да се влече на сцената на ЕУ.

– Билатералните прашања и проширувањето не треба да се мешаат. И да не ја заборавиме основачката идеја на ЕУ: да се надмине војната и да се создаде просперитет преку соработка, истакна Шаленберг, кој денеска на Денот на Европа пристигнува во посета на Македонија.

Во врска со преговарачката рамка и што таа би содржела, Шаленберг нагласува дека со оглед на тоа што билатералните прашања не се дел од ЕУ легислативата, тешко е да се вклучат такви референци.

Во интервјуто за МИА тој вели и дека проширувањето не смее да биде легалистички, бирократски процес, туку геостратешки инструмент.

– Во моментов, имаме бирократски пристап во однос на процесот на проширувањето, кој не не доведе до значителен напредок изминатите години, вели шефот на австриската дипломатија, кој потенцира дека доколку ЕУ не дејствува брзо во однос на нејзините ветувања кон регионот, тој ќе се сврти за поддршка на друга страна. – Не постои вакуум во светската политика или е европскиот модел или некој друг модел, вели Шаленберг.

Тој во интервјуто говори и за руската агресија врз Украина, за можноста да се постигне договор, за рускиот прекин на испорака на гас за одредени земји и како сето тоа се одразува врз неговата земја.

Во продолжение следува интервјуто со австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг во целост:

Господине Шаленберг пристигнувате во посета на С. Македонија во еден предизвикувачки период, како на глобално, така и на регионално ниво – војната на Украина предизвика нови поместувања на светската политичка сцена. Со каква порака доаѓате во Скопје?

Руската воена агресија е пресуден момент за Европа, кој од нас бара решителен одговор. Ако сакаме регионот на Западен Балкан да биде дел од европскиот модел – секако ние сме силен поддржувач на процесот на интегрирање во ЕУ на земјите од Западен Балкан – кредибилната европска перспектива е поважна од кога и да е. Почетокот на преговорите со С. Македонија и Албанија колку што е можно поскоро е најгорливото прашање, кое треба да го испорачаме за да го вратиме кредибилитетот на ЕУ.

Денеска е Денот на Европа, на 9 мај секоја година се слават мирот и единството во Европа. Датумот ја означува годишнината од историската „Шуманова декларација“ која ја постави неговата идеја за нова форма на политичка соработка во Европа. Како ја гледате ЕУ во иднина?

Што може да биде посоодветно од тоа да отпатуваме во Скопје подоцна во текот на денов на Денот на Европа – ден на кој се сеќаваме на нашата колективна должност да го обновиме европскиот сон и повторно да ја заживееме европската интеграција. Процес кој не е завршен пред шесте земји од регионот да се приклучат кон нашето европско семејство. Така, Денот на Европа секако е повод да се подигне свеста. Во исто време, го славиме и завршувањето на Конференцијата за иднината на Европа денес – едногодишен процес на консултации со граѓаните на ЕУ, но и со вклучување на граѓаните од Западен Балкан и нивната визија за иднината на Унијата. Следниот чекор на институциите на ЕУ е внимателно да ги разгледаат овие предлози. Ова суштински ќе придонесе за обликување на нашата заедничка иднина.

Руската агресија врз Украина не стивнува, интегрирањето во ЕУ се повеќе се гледа како безбедносно прашање, се покрена процес за приближување на Украина кон ЕУ со добивање кандидатски статус. С. Македонија од 2005 година е кандидат, дали сметате дека оваа криза ќе доведе до забрзување на процесот и за С. Македонија, но и за другите земји од Западен Балкан?

Во моментов, имаме бирократски пристап во однос на процесот на проширувањето, кој не не доведе до значителен напредок изминатите години. Треба да го надминеме овој ќорсокак, гледајќи ги сите опции со отворен ум. Размислувам за брз пристап, еден вид на интегрирање на одредени елементи на единствениот пазар, но и на други области како безбедноста, каде што треба да создадеме можност за вклучување и учество во процесот на донесување одлуки. Пред сè, треба да најдеме начини пристапните процедури да се поврзат со напредокот во реформите, со конкретни придобивки за граѓаните на земјите кандидати. Проширувањето не смее да биде легалистички, бирократски процес, туку геостратешки инструмент. Тоа е потребно сега повеќе од кога и да било.

Што доколку тоа не се случи, со оглед на тоа што и во самата ЕУ нема единство во однос на прашањето за проширување, има членки со потврди ставови и такви кои сметаат дека ЕУ треба да ги надмине сегашните граници. Во кој правец би се движел регионот, ако нема извесност дека еден ден ќе стане дел од Унијата?

Процесот на проширување треба да служи како геостратешка алатка, со која или го извезуваме нашиот модел на живеење, во спротивно увезуваме нестабилност. Ова треба да им биде јасно на сите земји членки. Ако не дејствуваме брзо во однос на нашите ветувања, регионот ќе се сврти за поддршка на друга страна. Не постои вакуум во светската политика или е европскиот модел или некој друг модел. И секако не смееме да дозволиме ова да се случи.

С. Македонија е блокирана од Бугарија, со вето поради спор, кој задира во историјата, има очекувања ветото да се тргне во јуни за време на француското претседателство, но има и песимистички прогнози, какво е вашето мислење, дали треба да се надеваме на овој јуни?

Изминатите месеци направен е суштински прогрес. Сметам дека сега е моментот за да се искористи позитивниот тек и да се оди кон следното ниво на ЕУ. Не можеме бесконечно да ги одлоговлекуваме овие прашања, пред нас се многу егзистенцијални предизвици, на кои треба да го насочиме нашето целосно внимание во блиска иднина.

На С. Македонија постојано и се упатува порака „решете го спорот со Бугарија, па ќе се тргне ветото“, дали сметате дека билатерален спор, кој задира во историјата и минатото треба да биде предуслов за влез во ЕУ, каква ЕУ ќе имаме ако почнеме да ја ставаме историјата, пред сегашноста и иднината?

Ние цениме дека билатералните прашања треба темелно да се дискутираат и решаваат меѓу државите, но тоа треба да се направи на билатерално ниво и не треба да се влече на сцената на ЕУ. Билатералните прашања и проширувањето не треба да се мешаат. И да не ја заборавиме основачката идеја на ЕУ: да се надмине војната и да се создаде просперитет преку соработка.

Во однос на преговарачката рамка и самите земји членки не се меѓусебно усогласени што таа треба да содржи имате ли сознанија до каде е тој процес и што би се случило доколку сега во рамката се стави билатерален спор поврзан со историјата и идентитетот на еден народ, тоа би било преседан и како тоа би влијаело врз натамошниот процес на проширување?

Со оглед на тоа што билатералните прашања не се дел од ЕУ легислативата, тешко е да се вклучат такви референци. Но, имаме области како што се регионалната соработка, добрососедските односи или заштитата на националните малцинства кои и онака се составен дел од преговорите и кои во голема мера треба да ги опфатат соодветните прашања.

Војната во Украина ја зајакна светската криза, неодамна Русија ја прекина испораката на гас за Полска и Бугарија, Брисел предупреди дека Европа се соочува со потенцијална криза, кон средината на месецов, кога земјите од ЕУ ќе треба да го отфрлат барањето на Москва, плаќањето да се врши во рубљи. Како ќе постапи Вашата земја и австриската компанија за нафта и гас ОМВ во врска со ова барање?

Како приватна компанија, ОМВ има своите договори со Русија самостојно. Безбедноста на снабдувањето е од огромно значење и затоа австриската Владата и ОМВ се во постојан дијалог. ОМВ ќе продолжи да ги исполнува обврските за плаќање на начин согласно санкциите.

Австрискиот министер за енергетика Леонере Гевеслер неодамна изјави дека без руски гас Австрија не може да ги наполни своите складишта во текот на годината, земјата е 80 отсто зависна од рускиот гас, дали треба да се бараат алтернативни решенија и кои се можните солуции?

Иднината на европската енергетска безбедност лежи во енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија. Додека преземаме итни мерки за да го обезбедиме нашето снабдување со енергија на краток рок, не смееме да ја изгубиме од вид нашата заедничка цел да ја прекинеме нашата зависност од фосилни горива. Ова е од клучно значење за стратешката автономија на Европа и императив во светло на климатските промени. Затоа ние се залагаме за брза имплементација на Европскиот зелен договор. Истовремено, работиме на диверзификација на нашите добавувачи. Иако мора што поскоро да го прекинеме потпирањето на Европа од рускиот енергетски увоз, ние исто така треба да се погрижиме нашите постапки да ѝ наштетат на Русија повеќе отколку на нас самите. Земјите-членки на ЕУ се различно погодени од санкциите на ЕУ, бидејќи не сите сме подеднакво зависни од руската нафта или гас. Ова ја прави меѓународната соработка и солидарност поважни од било кога.

Кратењето на испораките е дел од мерките кои Русија ги презема како резултат на санкциите кон неа. Германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека санкциите нема да бидат укинати се додека не се постигне мировен договор. Австрискиот канцелар Карл Нехамер имаше средба со Путин, разговорите ги оцени како „директни, отворени и тешки“. Сметате ли дека во догледно време ќе биде постигнат договор?

Не би било соодветно да се занимаваме со шпекулации. Меѓутоа, Австрија постојано ја повикува Русија да ја запре воената агресија врз Украина, да ги повлече своите војници и да се врати на преговарачка маса за сериозни и значајни разговори. Затоа што едно е јасно, траен мир ќе се постигне само преку дијалог и дипломатија, а не со бомби и проектили.

Да се вратиме на С. Македонија. Неодамна делегација од осум австриски компании заинтересирани за соработка со градежни компании кои работат во областа на инфраструктурата беа присутни на бизнис форум во Скопје. Има ли конкретни резултати од овие средби?

Ми беше кажано дека австриските компании, сите активни на полето на сообраќајната инфраструктура и логистиката, имаа можност да добијат увид во плановите на Северна Македонија за проширување на патната и железничката мрежа на земјата. Според моите сознанија, дијалогот меѓу компаниите продолжува и уверен сум дека тоа во иднина ќе доведе до конкретни деловни резултати. Секако, би ни било драго да бидеме домаќини на слична делегација од С. Македонија во Австрија за понатамошно развивање на нашето партнерство.

Австрија е наш 18-ти трговски партнер, но како инвеститори австриските фирми се на второ место, во кои области ги гледате можностите за зајакнување на економската соработка?

Планираната декарбонизација на производството на енергија е една од областите со голем потенцијал за раст на трговската размена и инвестициите меѓу нашите две земји. Планот на вашата Влада за спроведување на еколошките реформи, исто така, може да стане основа за засилена размена на експертиза и услуги, имајќи го предвид огромното искуство на Австрија во технологиите за заштита на животната средина. Општо земено, ги гледаме огромните напори на С. Македонија за модернизација на нејзината инфраструктура и индустрија како многу ветувачки за интензивирање на економската соработка.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com