-6.2 C
Skopje
Tuesday, January 25, 2022

Човештвото да се подготви за соживот со коронавирусот

Најчитани вести

НАУЧНИЦИТЕ ПРЕДУПРЕДУВААТ

Дали мутациите на коронавирусот, и покрај вакцинацијата, навестуваат долготрајна битка со пандемијата, на која не ѝ се гледа крајот? Стануваат ли теориите на заговор за биолошка војна сѐ пореални, или, пак, климатските промени ја јакнат природата на вирусите до тој степен што тие ќе бидат човечко секојдневие?
На сите овие дилеми нема јасен одговор, а светската јавност станува сѐ поскептична дека крајот на пандемијата е блиску, особено што секоја нова мутација на вирусот е сѐ поопасна од претходната.

И надежта во вакцините како да спласнува, особено што и државите со најголема масовност на имунизирано население, како Израел, се соочуваат со нов силен бран, кој ги зафаќа и луѓето што примиле две дози вакцина.
Колку е важно да се следи развојот на новите соеви, дали тие може да се сузбијат, дали може да се контролираат? Или, со други зборови, може ли заразите и вирусите да се држат понастрана од човекот за животот да се врати во нормала, онака како што беше пред пандемијата
Научниците низ светот анализираат примероци за да забележат појава на нови видови на коронавирус, а обемот на анализираните примероци варира во голема мера од финансиски причини.

Вирусот ќе остане меѓу нас, како и грипот

Светските медиуми пишуваат за нова мутација на ковид-19, која се очекува дека ќе почне да се шири следните месеци. Засега малку е веројатно дека ламбда ќе ја потисне варијантата делта, која во моментов доминира.
Иако првата ламбда-инфекција со коронавирусот е регистрирана во Перу пред една година, сѐ уште релативно малку се знае за тој мутант.
Ламбда-сојот на коронавирусот не само што е повеќе заразен туку е и поотпорен на антитела, се тврди во најновата јапонска студија. Со други зборови, вакцините се помалку заштитни од таа варијанта на вирусот.
Досега варијантата ламбда е откриена во 30 земји, пред сѐ во Јужна Америка, но индивидуални случаи се регистрирани и во Европа – Шпанија, Велика Британија, Италија и Германија.
Микробиологот Никола Пановски вели дека прва заблуда на почетокот на пандемијата беше дека со карантини и затворање ќе престане да се шири вирусот. Втора заблуда било тоа што се сметаше дека со вакцина ќе се создаде колективен имунитет на населението.
– Се докажа дека ниту едното ниту другото не ги спречија ниту вирусот ниту мутациите. Вакцинираните, иако помалку, сепак ја шират болеста. Ново е дека во тие земји каде што има добар опфат на вакцини или каде што има доста прележани има помалку смртни случаи – посочува Пановски.
Според него, вирусот нема да се искорени како што беше со малите и големите сипаници или црната кашлица.
– Најмногу еднаш годишно ќе треба да се вакцинираме. Додека не му текне сам да си оди, ќе си постои. Ќе постои како што постои вирусот на грипот – заклучува Пановски.

Новите видови на коронавирус мора да се следат

На врвот на листата на земји што ги анализираат мутациите на коронавирусот е Исланд, кој анализира околу 78 отсто од примероците, додека земјите од Западен Балкан анализираат помалку од 0,5 отсто.
Како се следат мутациите на вирусот?
Јелена Беговиќ, директорка на Институтот за молекуларна генетика и генетско инженерство во Белград, вели дека технологијата што се користи за анализа на вирусот е релативно стара и се користела во 1980-тите години во Србија.
– Благодарение на технологијата, научниците можат да „читаат“ информации за целосното функционирање, изглед и однесување на вирусот – вели таа.
Според неа, постојано се случуваат мутации и се појавуваат варијанти на вирусот што имаат најголеми шанси да преживеат во одредени околности.
– Вирусите се паразити, многу едноставни организми, но тие ја имаат таа фантастична моќ брзо да се поделат и да се приспособат на ситуацијата. Кога вирусот ќе се најде кај голем број луѓе, се случуваат мутации во секоја репликација. Новите видови коронавирус, за жал, се позаразни – посочува таа.
За да се докаже однесувањето на новиот вид вирус, како што објаснува таа, често е неопходно да се направат дополнителни експерименти.

Мутациите значат преживување на вирусите

Беговиќ вели дека кога ќе се забележи нова варијанта на вирусот, постои методологија што одредува во која земја потекнува таа варијанта.
Според неа, мониторингот на мутациите е многу важен.
– Многу е важно да се види колку брзо се шири овој вид и дали се појавува нова варијанта кај населението – посочува Беговиќ.
Исланд, Австралија и Нов Зеланд се меѓу земјите што анализираат најголем број примероци, Исланд анализира повеќе од 70 проценти од примероците, Австралија околу 59 проценти, а Нов Зеланд 47 проценти.
На дното на листата се Азербејџан, Молдавија и Етиопија, кои анализираат околу 0,005 проценти од примероците.
Земјите од Западен Балкан, со исклучок на Словенија, анализираат помалку од 0,5 отсто од примероците.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com