Home » Членки на ЕУ го користеле „Пегасус“ за да си ги шпионираат граѓаните

Членки на ЕУ го користеле „Пегасус“ за да си ги шпионираат граѓаните

by Журнал.мк

Владите на некои членки на Европската Унија го користеле овој софтвер против граѓаните за политички цели, се вели во нацрт-извештајот на истражниот комитет на Европскиот парламент

Употребата на софтверот за шпионирање „Пегасус“ била широко распространета во земјите на Европската Унија, се заклучува во извештајот на истражната комисија на Европскиот парламент.

„Владите на земјите-членки на ЕУ го користеле овој софтвер против граѓаните за политички цели“, се заклучува во објавениот нацрт-извештај, во кој се наведува дека постојат индиции дека тоа го сториле Полска, Унгарија, Грција, Кипар и Шпанија.

Австрија е критикувана и затоа што поранешниот канцелар Себастијан Курц има блиски врски со сопственикот на израелската компанија НСО, која го разви Пегасус.

Во извештајот се наведува дека во Австрија е седиштето на компанијата ДСИРФ, која важи за снабдувач на софтверот за шпионажа, а високи функционери на таа компанија имаат контакти со Русија и Кремљ.

„Голема закана за демократијата“

Откако експертите за безбедност на Мајкрософт го обвинија ДСИРФ дека стои зад серија дигитални напади врз банки, адвокатски фирми и стратегиски компании во најмалку три земји, австриската државна безбедност спроведе истрага, но не најде докази за шпионски софтвер.

„Развојот на ‘спајвер’ во земјите-членки на ЕУ е голема закана за демократијата на целиот континент“, нагласи надлежната известувачка на Европскиот парламент, Софи ин ’т Велд, од Холандија, пренесуваат австриските медиуми.

Според неа, ‘спајверот’ не само што ги нарушува правата на приватната сфера, туку и ги поткопува демократските институции и ги замолчува опозицијата и критичарите.

Исто така, ваквиот софтвер, додаде таа, има застрашувачки ефект врз слободата на медиумите и граѓанското општество и служи за влијание врз изборите.

„Нападите врз демократијата доаѓаат однатре“

„Тоа е европски скандал“, бидејќи се нападнати и институциите на ЕУ, а засегнато е и донесувањето одлуки во Унијата, тврди Ин ‘т Велд.

Таа се пожали дека ниту една официјална институција не сакала да соработува со неа во подготовката на извештајот, а Советот на ЕУ не одговорил ниту на прашањата на ЕП во врска со ова.

„Затоа сликата не е целосна, имаме само 900 парчиња од сложувалка од 1.000 парчиња“, рече таа.

„Европската комисија бучно се залага за демократија и борба против лажните вести, па така неодамна и при преземањето на Твитер. Но кога нападите врз демократијата доаѓаат однатре, Комисијата молчи“, рече Ин ‘т Велд.

Таа изјави дека ЕК му ги покажува мускулите на Илон Маск, но користи кадифени ракавици за да им се обрати на членките на ЕУ што користат шпионски софтвер против граѓаните.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More