20.8 C
Skopje
Wednesday, June 23, 2021

Четири примери зошто нема независно и самостојно судство

Најчитани вести

ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ

За вистински судски реформи покрај вистински луѓе, потребни се и законски измени кои ќе ги предложат практичарите во соработка со професорите ослободени од политиката

Со години се зборува за реформите во судството кои би ја воскреснале неговата независност и самостојност, но и довербата на граѓаните во него. Многу се зборува, малку се прави, а речиси воопшто и да не се размислува кога и тоа малку нешто ќе се направи. Сето она што се прави со законските измени, а под изговор за зајакнување на самостојноста и независноста на судството, наликува на лакрдија и ја покажува и некадарноста, незнаењето и безидејноста на луѓето кои раководеле или раководат со овој ресор. Постојаното инсистирање на департизирање на судството и експериментирање со методите за постигнување на истото го покажува и лицемерието и неискреноста на некадарните челници на ресорот. Примери за тоа има многу во изминативе години, но јас ќе се задржам на четири кои, за мене, се круцијални.

Правдата, судството, правораздавањето, изборот на судии, нивното разрешување или унапредување не може и не смее да зависи од ништо друго освен од квалитетот, вистината и критериумите кои за секого се исти. За жал, во Судскиот совет одлуките за сите прашања се носат со два вида мнозинство, едно од гласовите на членовите на Судскиот совет, второто од гласовите на членовите на Судскиот совет кои им припаѓаат на националностите со таканаречено Бадинтерово мнозинство. Ова во пракса значи дека гласот на членовите од редот на националностите е повреден од другите членови и е решавачки за донесување на каква било одлука. Самото тоа пак нужно условува 4 члена на СС да се од редот на националностите. Ваквото решение е чисто политичко решение изнудено со Охридскиот рамковен договор.

Можеби во другите области ова и може да биде применливо, но во судството вакво фаворизирање на кого било и условување со национална припадност како посебност е недозволиво. Ако основните начела се еднаквост, неселективност и квалитет и никако ниту едно право не може и не смее да зависи од вера, раса, национална припадност, пол, тогаш ваквото законско решение не оди во поткрепа на независноста и самостојноста на судството. Згора на сѐ, ова и вакво решение отвара врата за меѓупартиско пазарење по национална припадност и делба на судиските места, што имавме прилика да го чуеме во бомбите.

Покрај националниот клуч со законските решенија се предвидува три члена на Судскиот совет да бидат од редот на истакнати правници по предлог на Собранието и два члена по предлог на претседателот. Во ситуација кога поимот истакнат правник секој го толкува како сака, а Собранието е партиска гласачка машина на Владата, јасно е дека овие три члена се решение со кое се удомува партискиот кадар, но и се врши огромно влијание на одлуките на СС и изборот, унапредувањето и разрешувањето на судиите, со што директно се поткопува независноста и самостојноста на судството. Слична ситуација е и со членовите на СС предложени од претседателот на Републиката, кој е секогаш партиски кадар и кој не само што предлага партиски решенија за членови на СС, туку е должен едниот член кој го предлага да биде од редот на националностите. Не е ни чудо што, а тоа го слушнавме во бомбите, изборот на судии се врши на партиска координација.

Покрај националниот и партискиот принцип во законот е внесен и персоналниот принцип, кој како шлаг на торта ја заокружува заробеноста и несамостојноста на судството. Судскиот совет, кој е највисок орган во судството по прашања на кадровски решенија и треба да биде брана за самостојноста и независноста на судството и гарант за заштита на судиите на чело, не може да има судија за претседател туку „истакнат правник“ кој бил правник во општина и никогаш не влегол во судница или бил стручен соработник како во последниот случај. Ваквиот персонален принцип не само што го урнисува угледот, значењето и довербата во Судскиот совет, не ја гарантира самостојноста и независноста на судството туку го прави предмет на потсмев.

Согласно Законот за судството треба да се издвојува 0,8 % од БДП и со тие средства треба да раководи Судско-буџетскиот совет како гаранција и за финансиска независност и самостојност на судството. Од кога е донесен Законот никогаш не се издвоени овие средства ни во приближен износ и секогаш извршната власт финсиски ја контролира судската власт што резултира со недостаток на администрација, стручни соработници, судници, потрошен материјал итн. Ова ѝ овозможува на извршната власт да врши влијание во судството, да врши и притисок, а таков случај видовме кога извршната власт се обиде да им ги намали платите на судиите и се дрзна да навлезе во судска надлежност.

За вистински судски реформи покрај вистински луѓе, потребни се и законски измени кои ќе ги предложат практичарите во соработка со професорите ослободени од политичките, политикантски и национални желби и идеи, а единствен критериум да биде знаењето и моралниот кредибилитет за избор, а квалитетот за напредувањето во судството.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести