Под слоганот „120 години Илинден – Огниште на татковината“, годинава, се одбележува 2 Август-Денот на Републиката – Илинден. Со сценско-музички перформанс синоќа почна манифестацијата „10 дена Крушевска Република“ на која говореше претседателот на македонската влада.
„Мораме да бидеме мудри и да го направиме следниот чекор“, изјави на Гумење во Крушево македонскиот премиер Димитар Ковачевски. На отворањето на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“, Ковачевски посочи дека тоа се темели врз традицијата на Македонците, но и на припадниците на другите народи во земјава. Побара да нема поделби, туку да се работи за доброто на Македонија којашто треба да стане европска.
Централното чествување е на Мечкин Камен, каде што ќе се обрати претседателот на Собранието, Талат Џафери. На свечена манифестација на Тврдината Кале во Скопје ќе се обрати претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, а високи владини делегации ќе положат цвеќе на повеќе локации во градот.
Претседателот на државата Стево Пендаровски по повод одбележувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, ќе се обрати пред Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце.