14.8 C
Skopje
Thursday, October 6, 2022

Чествување на делото на Живко Чинго

Најчитани вести

Во родното Велгошти, во Охрид, родното место на великанот Живко Чинго, во манастирскиот комплекс „Света Петка“ синоќа се одржа традиционалната манифестација „Вечер на Живко Чинго“. Чинго беше вброен помеѓу десетте светски мајстори на кусиот расказ, а за него еден француски критичар кога се преведувала книгата „Големата вода“ изјавил дека нема мали народи, но има големи писатели …

Охрид и неговото родно Велгошти синоќа го чествуваа делото на еден од најголемите македонски раскажувачи, романописци и драмски писатели, Живко Чинго. Како што велат литературните критичари и историчарите неговите дела се сведоштво за едно историско време кое автентично го пренесува, а иако е длабоконационален писател неговите ликови се универзални и во нив тој ја бара човечноста и хуманото во луѓето кои во трката со животот ги изгубиле.

„Посебно плени со неговиот оригинален стил, со изворниот македонски јазик, со богатството на изрази со кои се преполни неговите раскази и романи и драми. А исто така Чинго е вброен во еден од десетте светски мајстори на кусиот расказ. Можете да замислите колку е тоа значајно за една мала Македонија“, изјави Виолета Ачкоска-историчар.

„Неговите дела се преведени на многу јазици. Се работи за делата „Големата вода“, расказите од „Пасквелија“, дел од неговите драми, така што многу се значајни за зачувување на македонската литература, карактеристиките на македонскиот јазик и оние зборови коишто тој ги употребува во неговата лексика, типични за охридскиот говор“, вели Перчо Божиновски-професор по македонски јазик.

Едноставноста е одлика на совршенството. Само патот да се стигне до совршенството е сложен, рече градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

„А Чинго беше токму тоа, едноставен и совршен. Со сите човечки доблести и мани тој беше полнокрвен човек, затоа беше и најголемиот раскажувач. Дозволете ми овде да истакнам дека тој беше и есенцијален Македонец, зошто не можете да бидете Македонец творец, а во својата уметност да ја немате планетарната универзалност“, нагласи Кирил Пецаков-градоначалник на Охрид.

Во рамки на манифестацијата „Вечер на Живко Чинго“ беше доделена наградата за најдобар расказ на авторката Анита Велкоска за расказот „Зошто роботите не умеат да љубат“.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com