17.8 C
Skopje
Friday, September 30, 2022

Чекајќи пред (пробле)матично

Најчитани вести

Милорад Стојмановски

Ниту по овој штрајк, како и да заврши, нема да запре партиското именување раководители и вработувањата без критериуми. Како што нема да има ни отчетност за учинокот, од директорот до последниот вработен. Не дека и во оваа Управа нема чесни службеници, но тие се малцинство и молчат пред партиски инструираните штрајкувачи и штрајкбрехери. Ним им се лутам.

Тие што си имаат закажано ќе си склучат бракче, рече претставникот на Независниот синдикат на Управата за водење матични книги. Оваа синдикална „солидарност“ ги усреќи младоженците што решиле да стапнат на лудиот камен на 27 април 2022, кога вработени од оваа Управа стапија во генерален штрајк. Како тргнало пајдушкото – напред-назад, со прескокнување – на Владата ќе ѝ изгори ќесето толку што и ребаланс и кредит од една милијарда евра нема да го спаси додека на инфлаторната брза железница, полна со штрајкувачи, секој ден се качуваат нови незадоволни од јавниот сектор. Изгледа проблем со ниската плата немаат само тие од приватниот сектор. Ним може да им се измери учинокот.

Правото на штрајк е уставно загарантирано и никој нема право да го ограничува, освен ако законот не предвидува поинаку. Факт е дека сè поскапува и дека и платите треба да растат. Но, кога остварувањето на едно право загрозува друго право тогаш мора е нешто криво засадено. Зашто денес не може да се добие ниту потврда дека некој е умрен затоа што никој жив не го ферма оној што моли пред шалтер. Ако е некоја утеха, сега за покачување на плата ќе почекаат оние на кои најчест одговор им е – ќе почекаш!

Бројни се прикаските на паталците од Управата. Мојата и не е нешто посебна. Пред извесно време се охрабрив дека работите одат кон подобро кога видов дека уплатата за добивање извод од матичната книга на родените може да се изврши електронски. На 14 декември 2021 година уплатив 165 денари и чекав меил да ме повикаат да го земам. Поканата ја добив на 4 февруари 2022 година?! За формалност за која се потребни два часа чекав неполни два месеца. Подигањето мораше да биде лично. Иако со нив немав ништо лично, налетав на многу дигнати отспротива, со патос во тонот. Кога до тие зад вратите не може ни да се дојде, тогаш шефовите стојат пред затворената врата. Истите „информатичари“ од и пред шалтерот „Информации“ што претходно ме откачуваа по кратка постапка: „ако немаш меил со потврда дека изводот е готов, ќе чекаш, џабе си доаѓал!“ Не беше џабе. Платив за бензин и паркинг.

Изгубеното време, пари и нерви во меѓувреме, со цел да се проба среќата на лице место да се добие документ се општопознати работи. Нема кој не поминал низ таков (мал)третман. Којзнае уште колку ќе чекав да не направив „притисок“ во вид на известување, упатено преку меил директно до директорот на Управата за тоа колку долго чекам одговор. Мојата претходна електронска преписка, испратена на адресата portal@uvmk.gov.mk, не го забрза „сложениот процес“.

Нејсе, прикаските може да бидат и преувеличени, за разлика од податоците што ги соопшти Државниот завод за ревизија. А тие се дека во 2019 година „матично“ погрешно издало 21.957 изводи што ја оштетила касата и на Управата и државната вкупно за околу 45.000 евра, а никој не одговарал за тоа. Ете, тоа е исходот од сите пари фрлени за реформи на службите досега, од сите копчиња на кои можевме да стиснеме „смајли“ како коментар за услугата, кога веќе од вработените тешко се добиваше возвратна насмевка.

Ниту по овој штрајк, како и да заврши, нема да запре партиското именување раководители и вработувањата без критериуми. Како што нема да има ни отчетност за учинокот, од директорот до последниот вработен. Не дека и во оваа Управа нема чесни службеници, но тие се малцинство и молчат пред партиски инструираните штрајкувачи и штрајкбрехери. Ним им се лутам. Еднаш да излезеа на улица, на пример, за да ја проблематизираат „реконструкцијата на објектот на Управата сместен во Зајас“, за која, според ревизорите, биле прескокнати нужните процедури, ќе ги поддржев. Или да побараа за директор да биде назначен искусен и способен колега кој цел работен век е во службата. Наместо бунт, се сокрија зад оние свои соработници кои и сопствените права ги бараат по партиски диктат пратен со вибер-порака.

Генерален штрајк? Во ред. Но, и генерално чистење на Управата за матична евиденција за да се евидентираат и да останат само тие што навистина работат, макар земале и поголеми плати. Не за 30 отсто колку што бараат, туку многу повеќе.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com