Но со одлуката на Советот на Град Скопје пак, некои од улиците си ги вратија старите имиња преку кои беа познати повеќе децении, а новите не беа прифатени во јавноста. Така, една од најпознатите улици во Скопје, „Водњанска“, го враќа старото име, кое пред неколку години беше променето во „Мајка Тереза“. До денеска сите скопјани таа улица и натаму ја нарекуваа „Водњанска“. Или „Ленинова“ која беше преименувана во „Аминта Трети“ или „Железничка“ во „Јордан Мијалков“. И тие две улици си го враќаат старото име.
Најголемиот интетелктуален ум на Македонија, Блаже Конески, доби булевар во центарот на градот, кој досега се викаше „ВМРО“. Улица доби и големиот писател Славко Јаневски, кој неоправдано беше лустриран. Мостот „Слобода“ кај „Холидеј ин“  се вика „Вера Ацева“, а новиот мост што се гради во Аеродром кај булеварот „АСНОМ“ ќе го носи името на командантот на македонската војска во Втората светска војна, генерал Михајло Апостолски.
Најголем дел од предлозите за нови имиња на улиците се предлози со кои се именува краците на улиците „Тодор Чанго“, „Ѓорѓи Капчев“, „Христо Татарчев“, „Бутелска“, „Скупи“… Исто така, многу улици кои досега биле нумерирани со број  добија имиња. На скопската листа и во владиниот регистар беа и предлозите: Хасан Приштина, Беким Фехмиу, Ибрахим Ругова, Мајка Тереза, Мехмед Али Хоџа, Фахри Фазлиу, Жртвите на Блаце, Фаик Коница, Дервиш Цара, Ѓон Бозуку, Ласгуш Порадеци, Гани Груби, Иса Болетини, Ибрахим Кроси…Во скопската општина Чаир во последниов период сменети се имињата на неколку улици од вкупната листа од 66.На 12 јули, улицата 191 стана улица Сул Хотла, член на Бали комбетар. Претходно улицата Лазар Танев беше преименувана во Ушкин Хоти. Лазар Танев бил македонски социјалист, борец за работнички права, стар скопјанец од Пајко Мало. Ушким Хоти животот го посветил на идејата за осамостојување на Косово, односно во прво време за Косово како Република, тогаш во рамките на Југославија, но подоцна се залагал и за обединета Албанија (голема Албанија).Името на улицата Благоја Паровиќ, интернационален револуционер и антифашист беше заменета со улица Исмаил Ќемали, првиот премиер на новосоздадената држава Албанија во 1912 година.Преименувањето на улицата Втора македонска ударна бригада во Адем Демачи предизвика бурни реакции за време не свеченоста за преименувањето.