Во Македонија има недостиг на пожарникари. Оние кои ги имаме се принудени да работат со рекордно стари возила за гаснење пожари – покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации. Недостигаат 340 пожарникари, иако по последниот попис на населението се намали потребниот број на пожарникари по жител. Најголемата е дупката во главниот град.
„Помалку од законски предвидениот минимален број на пожарникари има во 16 од 34-те противпожарни единици во земјава. Најмногу пожарникари, повеќе од 200 му недостигаат на главниот град Скопје. Скопската единица има 190, а треба да има 405 пожарникари. Следни се Куманово каде има 33 пожарникари помалку отколку што пропишува законот, Битола со 21 пожарникар помалку и Тетово кому му недостигаат 17 пожарникари“, вели Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.
34-те противпожарни единици располагаат со 284 возила коишто се 3-децениски, а само 10 проценти се стари до 10 години. Се набавува и на старо. 65 возила кои биле земени се стари 17 години. Противпожарната единица во Валандово го има најстарото возило за гаснење пожари – ТАМ од 1966 година. Проблем има и во македонска Каменица, крива паланка, Демир Хисар, Битола, а новоформираната противпожарна единица во Старо Нагоричане има возила по 39 години стари. 73 проценти од 263 амбулантни возила во земјава се донација, а 22 проценти од санитетските возила се набавени со сопствени средства. Амбулантските возила се стари над една деценија.
„Истражувањето покажува дека сега има 80 вакви возила повеќе отколку во 2019-та. Но само 30 од новостекнатите се нови, односно прозиведени во последниве три години, додека другите се повторно стари“, дополни Филков.
Просечната набавна вредност на амбулантските возила е околу 38 илјади евра. Најскапи се двете возила за клиниката за детски болести во Скопје, купени по 105 и 135 илјади евра во 2001-та и 2013-та година.