6.8 C
Skopje
Sunday, November 28, 2021

Фуере: Бугарското вето го зајакнува лицемерството својствено за односот на ЕУ кон Западен Балкан

Најчитани вести

Наместо да ги промовира вредностите на ЕУ за кои кога влегуваше во ЕУ во 2007 се изјасни дека ќе ги почитува, Бугарија игра на националистичка карта диктирана од домашната агенда што потсетува на империјалната политика во 19 век, пишува бившиот специјален претставник на ЕУ во Македонија Ербан Фуере.Изминатата година требаше да означи уште една пресвртница во политиката на проширување на ЕУ, со договор за отворање на пристапните преговори и со С Македонија и со Албанија. По повеќекратните одложувања, стартниот датум се очекуваше да биде пред крајот на 2020 година. Но по одбивањето на Франција во 2019 година да оствари какво било понатамошно проширување сѐ додека не се договори нова методологија за преговори, на ред дојде Бугарија да ја закочи работата, распарчувајќи ја Агендата за проширување на ЕУ.

Движење напред – подобрување на кредибилитетот

Политиката почна со позитивна траекторија, со февруарското соопштение на Европската комисија „Подобрување на процесот на пристапување – кредибилна перспектива на ЕУ за Западен Балкан“, со цел да одговори на француските барања и „да вдахне нов живот во процесот на пристапување“. Ова беше одобрено од Европскиот совет во март, кој исто така даде зелено светло за отворање преговори за пристап на С Македонија и Албанија, иако со неколку услови во вториот случај.

Состанокот на лидерите на ЕУ и Западен Балкан во Загреб во мај 2020 година, кој се одржа виртуелно, ја потврди ЕУ-перспективата на регионот и најави голем пакет финансиска поддршка на ЕУ за да се ублажат најлошите последици од пандемијата.

Во јули, Европската комисија ги презентираше нацрт-рамките за преговори и за С Македонија и за Албанија, утврдувајќи ги насоките за пристапните преговори.

Духовите од историјата

Но како што се приближуваа есенските и зимските европски совети, на кои се очекуваше да се одреди датум за отворање преговори за пристап со С Македонија, за да се почне, шансите за одлука бледнееја.

Во потег што требаше да ги вклучи алармите во тоа време, бугарската влада издаде еднострано соопштение, кое беше приложено кон заклучоците од мартовскиот совет. Соопштението, засновано на резолуција одобрена од сите политички партии во бугарскиот парламент, ги утврдуваше условите за кои инсистираше дека С Македонија мора да ги исполни пред да почнат преговорите за пристап. Тие беа С Македонија да прифати дека нејзиниот јазик има бугарски корени и дека „македонски јазик“ или етничка припадност не постоеле пред 1944 година. Исто така, се бараше да прекине, како што ја нарекуваа, „антибугарската идеологија спонзорирана од државата“, како и одрекување од какви било тврдења за „постоење на македонско малцинство“ во Бугарија, и да се утврди нешто што може да се опише само како еднострано толкување на историјата на регионот. Прашањето на малцинствата беше особено шокантно поради постојаните пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур со кои се признава постоењето на македонски малцински групи на нејзината територија.

Бидејќи Бугарија одби да прифати да биде одреден датум сѐ додека С Македонија не попушти пред нејзините барања, и покрај најдобрите, иако задоцнети напори на германското претседателство со Советот, агендата за проширување на ЕУ удри во ѕид. Непристојната контроверзија околу историјата и бугарското толкување на таа историја го искомплицира целиот процес како што се приближуваше крајот на годината. Не баш смртоносен удар, но како и познатиот Хампти Дампти, кој падна од својот ѕид, за да се залепат распарчените остатоци од политиката за проширување на ЕУ, нема да бидат доволни само „сите кралски коњи“.

Агенда за ЕУ-проширување – само име без содржина

Реалноста е дека бугарското вето во декември го зајакнува лицемерието својствено на целокупниот пристап на ЕУ кон Западен Балкан и неговата европска перспектива. Посветеноста кон оваа перспектива, иако честопати повторувана во официјалните документи на ЕУ, во најдобар случај останува млака, при што повеќето земји-членки не сакаат да се ангажираат, што го одразува расположението на јавното мислење во некои од тие земји за какво било идно проширување на ЕУ. Ова веројатно се влоши со постојната пандемија.

И покрај напорите на Европската комисија да го зајакне кредибилитетот на процесот на пристапување и да ѝ даде „посилно политичко кормило“, да цитираме едно нејзино соопштение од февруари, процесот стана сенка на она што беше во претходните децении кога се сметаше за најефикасен во успешна надворешна политика на ЕУ. Годишните извештаи за земјите издавани од Европската комисија продолжуваат да даваат корисен барометар за реформската евиденција на секоја земја, но имаат мало влијание на поширок план. Сè додека има стабилност и формално усвојување на реформите, другото само ќе се реши, вели пословицата.

Дури и со двете земји чии преговори за пристап се во тек (Црна Гора од 2012 година и Србија од 2014 година) темпото е многу бавно. Во осумте години што ѝ беа потребни на Хрватска за да ги заврши преговорите за пристап и да стане полноправна земја-членка (во 2013 година), за истиот временски период, во случајот на Црна Гора беа привремено затворени само три поглавја од 35-те.

Комплексноста на балканската политика

Тоа што се дозволи бугарското вето да ја блокира одлуката на Советот за почеток на пристапните преговори со С Македонија не е само уште една злоупотреба на правилото за едногласност од земја-членка, туку и покажува целосен недостиг од разбирање во рамките на ЕУ за комплексноста на западнобалканската политика и големата тежина на историјата. Многуте недоследности и фактички грешки во пристапот на бугарската влада, илустрирани во извештајот на Институтот за европска политика од мај 2020 година под наслов „Преговори за пристапување кон ЕУ и С Македонија: импликациите на бугарските услови“ (веројатно најсеопфатната анализа на бугарскиот став) не сменија ништо. Всушност, обидот во нацрт-заклучоците на Европскиот совет во декември да се вклучи бугарската компромисна формулација „погрешно толкување на историјата“ ја покажа очигледната спремност на ЕУ да го прифати едностраниот став на Бугарија против земја-кандидат. За среќа, реагираа и чешката и словачката влада; тие го отфрлија она што го сметаа за обид поимот „фалсификување на историјата“ да се вклучи во процесот на проширување.

Со обидот да ја вметне историјата во процесот на пристапување, бугарската влада не само што ги поткопува критериумите за пристап, туку се чини дека го игнорира огромното искуство на ЕУ во над 70-те години надминување на минатото наследство и промовирање процес заснован на за помирување и владеење на правото. Наместо да ги промовира вредностите на ЕУ за кои кога влегуваше во ЕУ во 2007 се изјасни дека ќе ги почитува, таа игра на националистичка карта диктирана од домашната агенда што потсетува на империјалната политика во 19 век. Според оваа логика, Ирска и Велика Британија никогаш немаше да станат членки на Европската заедница, како што беше позната тогаш во 1973 година. Двете земји сè уште дебатираат за својата заедничка историја, но на неконфронтирачки начин и во заеднички институционални услови.

ЕУ мора да помогне во решавањето на билатералните спорови низ целиот регион

Доколку се дозволи ова последно назадување да остане неоспорено, тоа ќе се повтори во безброј други случаи кога, колку и да е болно, ќе се одвива процесот на пристапување за земјите од Западен Балкан. Регионот е преполн со спорови, без разлика дали станува збор за територија, права или дури и постоење на национални малцинства или за националноста на дадена историска личност. Што било од ова лесно може да стане причина за нестабилност или конфликт доколку не биде правилно канализирано. Барањата за поделба или прераспределба на територијата може да ја отворат Пандорината кутија низ целиот регион (што веќе се случи во спорот Косово / Србија). Препуштањето овие спорови директно да ги решат засегнатите земји нема да успее, особено ако некоја од нив е земја-членка на ЕУ.

Потребен е проактивен дипломатски ангажман од ЕУ-инстанците. Без разлика дали тоа е високиот претставник на ЕУ или специјалниот претставник за Западен Балкан или некоја висока институција или личност, треба да има независно неутрално тело што ќе посредува како трета страна секогаш кога ќе се појават такви спорови. Ова посредување треба да се одвива паралелно, а не како предуслов за почеток на пристапните преговори. Покрај тоа, ЕУ треба да ги користи многуте инструменти со кои располага за унапредување на дијалогот, соработката меѓу историчарите и негувањето мрежи на граѓански организации што работат на унапредување на помирувањето. Ќе биде потребен посебен план приспособен на карактеристиките на регионот.

Влогот се кредибилитетот на ЕУ и нејзината способност ефикасно да дејствува во најблиското соседство.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com