-5 C
Skopje
Sunday, January 17, 2021

Фудбалерите тинејџери се сѐ побарани и поскапи

Најчитани вести

Атлетико понудил 126 милиони евра за Португалецот Жоао Феликс, младиот 19-годишен фудбалер на Бенфика, објави лисабонскиот клуб, кој најверојатно ќе ја прифати оваа сума, со оглед на фактот дека откупната клаузула на Феликс изнесува 120 милиони евра. Но постои можност Бенфика и да ја одбие таа понуда, со оглед дека Атлетико би плаќал на рати.

Феликс, кого го споредуваат со Кристијано Роналдо, би требало да биде замена за францускиот интернационалец Антоан Гризман, кој си заминува од Атлетико. Сезонава Феликс блескаше во португалското првенство постигнувајќи 15 гола, плус девет асистенции, на 26 натпревари.

– По традиција, Атлетико купува млади талентирани фудбалери и работи на нивниот развој. Таков беше случајот со Јан Облак, Хозе Хименез, Лукас Хернандез, па и со Гризман – изјави тренерот на Атлетико, Диего Симеоне.

Како што тргнале работите, летниот преоден рок ќе биде во знакот на скапите трансфери на фудбалери тинејџери. Покрај Феликс, во фокусот на вниманието е центархалфот и капитен на Ајакс, 19-годишниот Матијас де Лихт кој најверојатно ќе биде новиот член на Јувентус, кој како обесштетување на Ајакс наводно ќе му плати 70 милиони евра. Според италијанските медиуми, Де Лихт во следните пет години ќе заработува годишно по 12 милиони евра. За услугите на Де Лихт биле заинтересирани Барселона, англиските премиерлигаши Манчестер јунајтед и Манчестер сити.

Младите фудбалери се сѐ побарани на фудбалскиот пазар, како поради потенцијалот и можноста на нив да се заработи од следниот трансфер, така и поради маркетиншката вредност. Најскап фудбалер тинејџер останува Французинот Килијан Мбапе, за кого ПСЖ лани на Монако му плати 135 милиони евра (според „Трансфермаркт“), плус педесетина милиони во разни бонуси.

На листата најскапи светски фудбалери на возраст до 20 години следуваат Осман Дембеле, кој пред две години од Борусија Дортмунд помина во Барселона за 125 милиони евра. Пред четири години Рахим Стерлинг од Ливерпул се пресели во Манчестер сити за 63,7 милиони евра. Потоа следуваат Бразилецот Лукас Моура (сега играч на Тотенхем), кој во 2013-та, на 19 години, направи трансфер од Сао Паоло во ПСЖ, за 40 милиони евра. Своевремено, во 2004-та, за тогаш 19-годишниот Вејн Руни, Манчестер јунајтед на Евертон му исплати 37 милиони евра. За еден од најголемите таленти на времето, Аргентинецот Хавиер Савиола (имаше 19 години), кого го сметаа и за наследник на Диего Марадона, Барселона на Ривер Плата во 2001-та ѝ плати 35,9 милиони евра. Речиси исто толку пари Реал му плати на Арсенал за Никола Анелка (тогаш на 20-годишна возраст) во 1999-та.

Повеќе вести

- Advertisement -

Најнови вести