Македонскиот јазик постоел и ќе постои. Тој се разликува од српскиот и бугарскиот од фонологија, преку морфологија, со лексика и синтакса. Ова на свечената церемонија на која му беше врачена Светската награда на хуманизмот го рече академик Виктор Фридман, професор на Универзитетот во Чикаго- Соединетите Американски Држави, еден од најголемите американски и светски слависти. Оспорувањето на македонскиот јазик од Бугарија и бугарските лингвисти што сега се случува според Фридман го споредува со она што го правеле бугарските фашисти во текот на Втората Светска војна.
„Да, тоа е затоа што во времето кога бугарите ја окупирале Македонија и тоа беше окупација нели, ги тепале децата коишто зборувале македонски. Во времето на фашизам македонски бил бугарски дијалект, сега што велат бугарите за македонски дека бил бугарски дијалект е исто како во фашистичко време“, изјави проф. д-р Виктор Фридман.Академик Виктор Фридман веќе пет децении го изучува и истражува македонскиот јазик и има огромен придонес за неговата афирмација во светот. Образложувајќи ја одлуката за наградата Претседателот на жирито на Охридската Академија на хуманизмот, амбасадорот Јордан Плевнеш рече дека со овој чин во Охрид се случила Балканска лингвистичка револуција.„Балканската лингвистичка револуција во име на љубовта кон сите светски јазици ја реализиравте вие академик Виктор Фридман, бидејќи со вашата Балканофилија вие го вреднувате македонскиот јазик на светската лингвистичка мапа и Свети Климентовиот сон низ митските корени на духовната и народната традиција стана неприкосновен легитимитет“, нагласи амбасадор Јордан Плевнеш- претседател на жирито на Охридска академија на хуманизмот.„Наскоро ќе ја реализираме идејата на добитникот на Светската награда на хуманизмот, Светлин Русев за поставување на спомен обележјето „Охрид центар на Светскиот хуманизам“, како единствено такво обележје во целиот свет“, нагласи охридскиот градоначалник, Кирил Пецаков.Во рамките на свечениот настан се одржа меѓународна конференција под наслов „Охридската школа на хуманизмот од средниот век до денес“.