Програмата на Фестивалот „Охридско лето“ продолжува со содржина од музичкиот дел, овојпат со концертот на пијано-дуото Дезомбре – Леклер во рамки на Француската вечер.
Родена во Париз, Ан Дезомбре започнува да свири пијано во родната Франција, а се усовршува во Монтреал, Канада, каде студира пијано, пијано-придружба и француска литература. Настапува на фестивалот „Карипски ноќи“ во Гвадалупе, на фестивалот во Нанси, на фестивалот „Ноќи во замокот Бринвил“, во аудиториумот на Винсен, на отворањето на Месецот на франкофонијата во Хавана и во Амбасадата на Белгија во Куба.
Уго Леклер е професор по пијано на Градскиот конзерваториум во Париз, а истовремено е и уметнички раководител на Фестивалот за класична музика „Нансифонија“ во градот Нанси, како и на меѓународните академии во Париз.
На програмата на концертот што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ од 21 часот се дела на Форе, Дебиси, Равел, Леклер, Пуланк.