17.8 C
Skopje
Monday, August 15, 2022

Францускиот предлог – тројански коњ во преговарачкиот процес?

Најчитани вести

Од: Христијан Илиевски

Европската Унија уште еднаш го потврди своето немање визија на темата – Западен Балкан. На изминатиот ЕУ-самит, кој се одржа на 23-24 јуни, Европската Унија не само што покажа неразбирање за македонските позиции туку ги прифати сите максималистички барања што официјална Софија ги постави на масата и ги вгради во преговарачката рамка како предлог на официјален Париз за одблокирање на преговарачкиот процес со Скопје и Тирана.
Дополнително, изјавите на комесарот за проширување Вархеји директно ги погазуваат основните европски вредности за почитување на различностите и правото на самоопределување.
Имено, тој објави: „ЕУ многу сериозно ги сфаќа сите бугарски грижи и тие сега се дел од преговарачкиот процес. Сега е моментот за одговорни одлуки. Западен Балкан треба да биде дел од нашата Европска Унија. Заедно ќе бидеме посилни“, наведе Вархеји во пресрет на самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел. Ако Европската Унија толку лесно дозволува една земја-членка да наметне ирационални барања и тие во целост да бидат прифатени, тогаш се отвора огромен простор да се создаде домино-ефект каде што и други земји-членки ќе имаат исти вакви барања кон други земји-кандидати.
Внесувањето ирационални билатерални спорови во преговарачката рамка не само што го контаминира процесот со радикален национализам туку претставува и опасен преседан, од кој само антизападните сили можат да профитираат, а угледот на ЕУ дополнително да биде урнисан.
Очигледно е дека Унијата бара ад хок успех, по секоја цена, без да размислува за последиците за тоа како националистичките сили во Бугарија ќе можат да го злоупотребуваат преговарачкиот процес со Македонија и колку всушност замки има во францускиот прелог.

За да го разбереме подобро проблемот, треба малку да погледнеме во дворот на соседите, бидејќи внатрешнополитичките состојби во Бугарија се премногу комплицирани.
Имено, анти-ГЕРБ коалицијата, која се формира за време на последните парламентарни избори, а која се растури по излегувањето на Слави Трифонов од Владата, претставуваше една хетерогена коалиција каде што партиите се разликуваа по клучните безбедносни и надворешнополитички прашања, како што се војната во Украина и бугарското вето за Македонија, па, оттаму, тешко беше да се очекува дека истата таа ќе трае долго.
Oгромното мнозинство бугарски граѓани се противат на кревање на ветото доколку не се исполнат барањата што Бугарија ги има кон нас. Премиерот во оставка Петков, иако на почетокот на неговиот мандат помпезно најавуваше нов пристап на релацијата Софија – Скопје и дистанцирање од историските теми, на крајот беше принуден да се стопи во колективното националистичко хистеризирање во Бугарија и да го јавне бранот на максималистичките бугарски барања, кои, впрочем, успеа и да ги наметне како дел од преговарачката рамка што беше предложена од Франција.
Францускиот предлог беше официјално одобрен во бугарското собрание, со гласовите на партиите ПП на Петков, ГЕРБ на Борисов, ДПС на Карадај и ДБ на Иванов. Бугарското собрание, изгласувајќи го предлогот од Париз, изгласа и дополнителни точки што треба да се земат предвид, а во кои спаѓа и непризнавањето од Бугарија на македонскиот јазик.

Композицијата на францускиот предлог што циркулира во јавноста е проблематична и претставува директно рушење на основните темели на ЕУ.
Имено, во предлогот е наведено дека доколку Македонија се согласи со овој предлог, ќе се случи првата меѓувладина конференција (сликање без суштина), а преговорите ќе почнат дури откако бугарската заедница ќе биде внесена во македонскиот устав. Тоа е апсолутно ирационално, бидејќи, во прв план, Владата нема двотретинско мнозинство за спроведување на тој процес, што значи дека ние воопшто и нема да ги почнеме преговорите, а ќе се согласиме со преговарачка рамка што е сѐ, само не европска.
Дополнително на тоа, Бугарија ќе има право да реагира на „говор на омраза и дискриминација на бугарската заедница“ во Македонија секогаш кога тие ќе посакаат. Оттука се отвора дилемата, со оглед на фактот дека речиси сите политички партии во Бугарија ја користат темата „Македонија“ во политички цели, какви гаранции има Македонија дека тие нема да хистеризираат за каков било ситен детаљ што според нивната перцепција е говор на омраза и дискриминација и дека нема да стават уште едно, две, десет вета?
Одговорот е јасен – никаква гаранција. Со прифаќање на вака напишаниот француски предлог, ние своеволно би ја препуштиле нашата судбина во рацете на антизападните сили во Софија, кои ќе имаат можност да ни прават булинг, кога сакаат и како сакаат.
Штом овој предлог е прифатлив и за бугарскиот претседател Радев, кој во една пригода рече дека нема да дозволи македонизмот да стане дел од ЕУ, тоа е доказ дека предлогот е на штета на македонските интереси.
Францускиот предлог во суштина претставува и еден вид тројански коњ во самиот преговарачки процес, од кој директно ќе профитираат антизападните сили и кој, наместо да реши еден проблем, ќе отвори уште десетици нови, преку дополнителни барања, притисоци, уцени и вета.

На вака компонирана политичка ситуација во Бугарија, каде што секогаш има барем еден радикален партнер во власта што сака да се изживува врз Македонија, ние секогаш ќе бидеме блокирани. Треба да се има предвид и можноста претседателот Радев да назначи службен кабинет што ќе треба да ја подготви државата за избори, а за технички премиер да биде назначен нему блискиот поранешен министер за одбрана Стефан Јанев, кој неодамна оформи и партија.
Јанев е проруски настроен, директно дефинирајќи ја руската инвазија на Украина како „специјална воена операција“, по што беше и сменет од функцијата од страна на Петков. Со тоа дополнително би се усложниле односите на релацијата Скопје – Софија, а билатералниот спор веќе би претставувал и безбедносен проблем за НАТО.
Фактот што повеќе еминентни лица од европската политика, како Макрон и Мишел, промовираат „европска геополитичка заедница“, во која би членувале и оние држави што не се членки на ЕУ, е доволен показател дека ЕУ воопшто не помислува на проширување и дека Македонија е осудена да остане уште долги години во чекалницата, притоа морајќи да го одржува европскиот курс на земјата, што ќе биде исклучително тешко.
Политичкиот терен на популистите е широко отворен, бидејќи не може да се очекува граѓаните да поддржуваат про-ЕУ политики во ситуација кога се разочарани од неа.
Стратегискиот дијалог што го организираа САД и Македонија во Вашингтон на 2.6.2022, каде што учествуваа високи претставници од македонската влада и од тимот на американскиот претседател Бајден, е своевиден сигнал и преземен чекор од страна на САД по однос на Македонија и нејзината важност за американската политика.
Имено, кога ЕУ не може да ѝ го испорача на Македонија она што одамна го има заслужено, а тоа е датум за преговори, САД се обидуваат да го пополнат тој празен простор, кој може да биде доста ранлив и неотпорен на трети страни што сакаат да остварат политичко влијание, а тука пред сѐ се мисли на Русија и Кина. Македонија и САД во 2008 потпишаа Декларација за стратегиско партнерство како резултат на ветото за влез во НАТО, кое тогаш ни го стави Грција.

Сега повторно, кога на Македонија ѝ е најтешко на надворешнополитички план, САД се обидуваат да помогнат и да не дозволат дестабилизација на земјава. Стратегискиот дијалог помеѓу Македонија и САД не претставува само геополитичка алатка на Вашингтон, како што многумина го толкуваат, туку станува збор за една широка палета на теми каде што САД директно може да ѝ помогнат на Македонија, како што се владеењето на правото, безбедноста, дигитализацијата, економијата, инвестициите.
По завршување на дијалогот што се одвиваше месецов, Вашингтон се обврза да ѝ помогне на македонската одбрана со 40 милиони долари финансиски средства, кои ќе помогнат за зајакнување и развој на нашата армија. Стратегискиот дијалог не може да ја замени амбицијата за полноправно членство во ЕУ, но претставува одлична можност за продлабочување на и онака одличната соработка на релацијата Скопје – Вашингтон.
Што се однесува до темата за „Отворен Балкан“, може да се каже дека станува збор за иновативна идеја, која претставува силен сигнал дека државите од регионот се зрели сами да почнат дијалог и соработка во повеќе сфери. Слободниот проток на стоки, услуги и луѓе помеѓу Македонија, Србија и Албанија како основачи на овој проект, директно ќе го олесни животот на граѓаните што транзитираат, работат или имаат бизнис во овие земји.
На конференцијата за „Отворен Балкан“, која се одржа во Охрид месецов, присуствуваа и највисоките претставници од Црна Гора и Босна и Херцеговина, со што се прати сигнал дека постојат големи шанси тие земји во скора иднина да се приклучат кон иницијативата. Со тоа само Косово би останал надвор од иницијативата. Иницијативата е поддржана и од САД, но само доколку остане чисто економска, како што е и предвидено. Секако, најдобро е во ваков вид иницијативи да членуваат сите држави од регионот на Западен Балкан.

„Отворен Балкан“, како и стратегискиот дијалог со САД, не е алтернатива на полноправното членство во ЕУ, но претставува одлична можност за регионално вмрежување, соработка, зголемен број на инвестиции.
Да сублимираме, нашите стратегиски цели од независноста до денес се полноправно членство во НАТО и ЕУ и каква било алтернатива би била скршнување од трасираниот пат. Едната е исполнета, а за другата имаме голем проблем. Вакви предлози како францускиот, не само што се против македонските интереси туку се и против европските интереси, бидејќи прогрес може да има само со чиста преговарачка рамка, без нејзино контаминирање со националшовинизам.
Она што не треба да го правиме е да очајуваме. Тоа не би нѐ довело никаде, туку напротив, треба да се засукаат ракавите, треба да се прават реформи, да се привлекуваат странски инвестиции, да се бориме против корупцијата, да се зајакнат институциите, а тоа е можно само преку дијалог помеѓу клучните чинители од политиката, граѓанскиот сектор и експертите.
Никој не може да нѐ дестабилизира ако самите не си го направиме тоа.
Македонија треба да покаже смиреност и мудрост и да донесе национална стратегија за следните 20 години, која ќе биде поддржана од сите актери. Треба да искаже јасен и проевропски став, а тоа е заштита на различностите, почитување на правото на самоопределување и на тоа на каков јазик зборуваме – македонски јазик. Без почит на основните човекови права, не можеме да влеземе во каков било процес.
Нашата судбина треба да биде само во нашите раце, а тоа ќе зависи од нас самите, од тоа дали ќе покажеме цврст и одлучен став или ќе потклекнеме под антиевропски уцени.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com