Продажбата на етанол во Франција се зголемила за 13 отсто во 2022 година бидејќи граѓаните во потрага по заштеда се свртеле кон поевтин бензин кој содржи дури 85 отсто етанол, објави здружението на производители на етанол и алкохол SNPAA. Така, вкупната продажба на етанол достигна приближно 1,47 милиони кубни метри, во споредба со 1,30 милиони во 2021 година.
Продажбата на гориво со ознака Е85, биогориво кое содржи 85 отсто етанол и 15 отсто бензин, минатата година се зголеми за речиси 83 отсто, на 854.000 кубни метри.
„Минатогодишниот успех е поврзан со зголемените стравови за војната во Украина, која предизвика скок на цените на горивото, како и со фактот дека производителите на опрема за тоа гориво успеаа да ја задоволат дополнителната побарувачка“, објаснува генералниот секретар на здружението Силвен Демоурес.
Горивото на база на етанол во Франција се добива од житарки или шеќерна репка. Иако е потребно повеќе етанол за возење на исто растојание од стандардниот бензин, пониските даноци сепак го прават горивото на база на етанол поевтино за возачите.
E85 е најевтиниот бензин на францускиот пазар. Употребата на овој тип на гориво бара инсталирање на специјална опрема со цел да се прилагоди моторот да работи на биогориво, забележува Ројтерс.
Демоурес предвидува дека продажбата на горивото E85 најверојатно ќе порасне за дополнителни 25 проценти оваа година, достигнувајќи осум проценти пазарен удел. За споредба, лани имаше учество од 6,5 отсто, а лани 4 отсто, потсетува првиот човек на здружението на производители на етанол и алкохол.