Home » Фон дер Лајен: Европа ве чека, македонскиот јазик е ваш јазик

Фон дер Лајен: Европа ве чека, македонскиот јазик е ваш јазик

by Журнал.мк

Европа ве чека. Чекајќи и надевајќи се дека ќе направите уште ден чекор кон нашата Унија. Денеска сум овде, затоа што верувам дека ова е моментот да продолжите напред кон нашата заедничка иднина во ЕУ со Северна Македонија како полноправна членка, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во своето обраќање денеска пред пратениците во Собранието, во рамки на 80-тата пленарна седница.

Вашата држава, посочи Фон дер Лајен, е кандидат да стане земја членка на ЕУ од 2005 година, а многумина од вас овде и многу други кои се отсутни, работевте напорно да станете членка на ЕУ, но сега сите, како што рече, мора да го свртиме погледот напред и мора да ја искористиме можноста пред нас да ги започнеме пристапните преговори и да работиме заедно на патот што ве води кон ЕУ.

-Во 2009 година ЕК препорача да ги отвориме пристапните преговори со Вас. Оттогаш постојано сме покрај Вас и сега конечно би можеле да бидеме на прагот на еден одлучувачки чекор напред, изјави Фон дер Лајен.

Повторно, посочи таа, покажавте смелост и решителност, а Договорот од Преспа беше пример за храброст и го отвори патот за членство во НАТО.

– Почитувани пратеници многумина од вас ќе бидат фрустрирани што вашата држава се уште не ги започнала пристапните преговори. И јас сум исто така. ЕК препорачува отворање на преговорите во последните 13 години и се разбира дека ќе бидете фрустрирани што отворањето на преговорите со ЕУ не се случи веднаш по Договорот од Преспа. Ова беше горчливо, но никогаш не се откажавте и ние сите заедно никогаш не се откажавме. Заедно го следевме нашиот сон за една Европска Унија и заедно ќе го претвориме овој сон во реалност, порача Фон дер Лајен.

Почетокот на пристапните преговори, посочи Фон дер Лајен, може да го направиме веќе следната недела, со преземање на првиот чекор од ревидираниот француски предлог.

– Сите сте свесни и запознаени со овој ревидиран предлог. Ги штити вашите интереси и ги зема предвид грижите на сите страни. Бидете уверени дека ЕК секогаш била покрај оваа држава, на ваша страна и продолжува да стои на ваша страна, порача Фон дер Лајен.

За време на обраќањето на Фон дер Лајен пратениците од опозицијата извадија транспаренти „предавници на народот“, „јазикот и идентитетот“, „народот вели не, свестете се“ и други.

На седницата присуствуваа Претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, како и високи претставници од земјава и странство.

По завршување на седницата, Собранието ќе ја одржи и 81-та пленарна седница, на која пратениците ќе расправаат за Информација за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија, предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на Европската Унија на 30 јуни 2022 година, по што ќе треба и да бидат усвоени заклучоци, односно насоките што ќе и бидат испорачани на Владата.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More