Home » „Фокус“: Таравари куќата во Тафталиџе ја купил од Исмаил Јахоски од „Пуцко петрол“ за 150 илјади евра

„Фокус“: Таравари куќата во Тафталиџе ја купил од Исмаил Јахоски од „Пуцко петрол“ за 150 илјади евра

by Журнал.мк

Куќата на лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари во скопската населба Тафталиџе, претходно била во (ко)сопственост на бизнисменот Исмаил Јахоски, поранешен градоначалник на Пласница и сопственик на компанијата „Пуцко петрол“, пишува „Фокус“. Јахоски денес е пратеник на ДУИ. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски од собраниската говорница обвини дека куќата била дел од политички пазар за влегување на АА во Владата.

„Пријавил дека куќа од 256 квадрати ја купил за 150 илјади евра. Како во центарот на Скопје се купува куќа по 500 евра квадрат? Но, и дали воопшто тие 150 илјади евра воопшто се платени, зашто, според нашите сознанија, нема трансакции и на тие 150 илјади евра. Дали една од цените за влез во Владата е убавата куќа во Тафталиџе која му е подарена на господинот Таравари од еден функционер од ДУИ“, праша Николоски.

На овие обвинувања веднаш одговори Таравари велејќи дека куќата ја купил во 2021 година и дека нема ништо спорно.

„Навистина ми е жал што преку овие изјави, а и преку многу други нешта, ВМРО-ДПМНЕ се враќа во духот на ‘груевизмот’, препознатлива е таа реторика ‘сите се лоши и нечесни’, освен тие самите, кои уживаат во луксуз на различни нивоа“, му одговори Таравари на Николоски.

Сепак, според податоците од Катастарот на недвижности до кои дојде „Фокус“, Таравари преку имотен лист со број 47531 поседува земјиште од 100 квадратни метри и станбен објект-куќа од 261 квадратни метри, на улицата „Бриселска“, која ја има во неговиот анкетен лист доставен до Антикорупциската комисија, каде навел дека ја стекнал по пат на купопродажба за цена од 9,2 милиони денари или околу 150 илјади евра.

Катастарската парцела 1432/2, која го опфаќа земјиштето и објектот е во моментална сопственост на Таравари. Како што произлегува од историјатот, парцелата со број 1432/2 се формира во 2009 година, кога практично се дели парцелата со број 1432, која дотогаш е во сопственост на повеќе членови на семејството Чинго, кои моментално се сопственици на објектот во соседната парцела со број 1432/1. Поточно, оваа парцела е во сопственост на Огнен Чинго, кој во 2013 година им го продава имотот на Љупка Јахоска, како и на уште едно лице со истото презиме – Иса Јахоски.

Тие поседуваат по една половина од овој имот сѐ до 2017 година, кога, според историјатот на сопственоста, Иса Јахоски својот дел го отстапува, односно подарува на пратеникот на ДУИ и бизнисмен Исмаил Јахоски, чие семејство ја поседува нафтената компанија „Пуцко Петрол“. Неколку години подоцна, односно во 2021 година, единствен сопственик на имотот станува Таравари, преку купопродажба.

Иако Таравари тврдеше дека нема информација оти имотот порано бил во сопственост на Јахоски или на членови на неговото семејство, официјалната документација потврдува дека тој купил имотот токму од пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски и од економистот на семејната нафтена компанија „Пуцко Петрол“ – Љупка Јахоска, која, како што покажуваат документите, во моментов го поседува соседниот плац и објект.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk