19 C
Skopje
Monday, May 10, 2021

Фокус на Акцискиот план со Бугарија, подготовки за претстојната седница на заедничката комисија

Најчитани вести

Продолжуваат разговорите со Бугарија околу конкретни проекти, но Владата е со јасен став дека за Македонците, македонскиот јазик и идентитет нема простор за разговор. Во фокусот следните месеци е Акцискиот план кој е на меѓусекторска основа. Од Владата очекуваат тој да биде усвоен на првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и Бугарија за да биде адаптиран, прифатен и веднаш да се влезе во негово спроведување.

Премиерот Зоран Заев вчера истакна дека политичкиот дел е нешто за кое што треба да се разговара по изборите во Бугарија. Појаснувајќи го Акцискиот план рече дека тој се адресира на транспортот, изградбата на граничните премини, гасната мрежа, железниците, патиштата, со тоа што подобро не поврзува со Бугарија, во соработката во образованието, здравството, културата, спортот, дигитализацијата.

Овие денови, како што информираше, има подготвителна седница и на Комисијата за историски и образовни прашања каде што, рече, се подготвува заеднички од нашата македонска страна и од бугарската страна подготовка на седницата која што треба да се одржи во февруари. Изрази очекување дека дури и од таа подготвителна седница ќе имаме некој исчекор.

За Бугарија да даде зелено светло за преговарачката рамка за Северна Македонија со ЕУ, постојат само две опции со кои треба да се вметнат бугарските барања за почитување на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу двете земји, изјави вчера за Бугарската национална телевизија (БНТ) потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова.

Според неа, или ќе инсистираат во преговарачката рамка за Република Северена Македонија да има последно поглавје и за време на процесот на преговори да следат дали се почитува Договорот за добрососедство или во неа да се вметнат барањата на Бугарија за почитување на Договорот. Бугарија, вели таа, изгубила речиси една година да ја објасни својата позиција на европските партнери и да ги придобие на нивна страна.

Европратеничката од групата на Зелените во Европскиот парламент, Тинеке Стрик, пак, ја искористи дебатата со португалскиот премиер да побара да се изврши притисок врз Бугарија за повлекување на ветото за преговори со Северна Македонија. На вчерашната пленарна дебата на Европскиот Парламент со португалскиот премиер, Антонио Коста, таа од него побара експресно да изврши притисок врз Бугарија.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров на вчерашната видео средба со државниот секретар за ЕУ во Министерството за надворешни и европски работи на Словачка, Мартин Клус нагласи дека фокусот на Владата останува непроменет во однос на европеизацијата на земјата, со уште позасилена посветеност на домашните реформи во светло на европската агенда.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера побара од премиерот Зоран Заев и од Владата да одговорат, како што посочи на прес-конференција потпретседателот на партијата Владо Мисајловски, за „тајната смена“ на уште еден член на Комисијата за историски и образовни прашање која е вклучена во разговорите со Бугарија и дали тоа не е вовед во ново попуштање од наша страна.

Оттаму обвинуваат дека премиерот преговара за анекс на Договорот, во кој, вели Мисјаловски, многу веројатно дека се вклучени елементи од нашиот идентитет, историја и јазик. Од оваа партија нагласуваат дека историските комисии треба да преговараат необременети од политички притисоци, а идентитетските обележја не смеат да бидат на маса на преговори.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести