4.1 C
Skopje
Friday, December 3, 2021

Фингерпринтот не остави добар впечаток кај гласачите

Најчитани вести

Апаратот за земање отпечаток од прст, што првпат се користи на овие избори, не остави добар впечаток кај гласачите. Никој не виде како со него се направи чекор напред во демократизацијата на изборниот процес, ама има многу очевидци на застои во гласањето токму поради проблеми со отпечатокот од прст.

Според некои слободни процени, речиси секој втор граѓанин имаше проблем да се идентификува за гласање преку отпечаток од прст, зашто уредот не ги препознаваше отпечатоците. Додека траеја обидите за идентификација преку уредот, се создаваа редици од другите гласачи, за на крај гласањето да се заврши според старата процедура.

На некои избирачки места во Скопје и во Кичево одборите сами донеле одлука да не се користи отпечатокот од прст, па претседателот на Државната изборна комисија се закани дека таму може да биде поништено гласањето. Тој напомена дека ДИК нема донесено одлука за гласање без употреба на уреди за отпечатокот од прст, освен во шест избирачки места: во Ново Село, во Старо Нагоричане, во Студеничани, во Чаир и во две во Чучер-Сандево.

– Чекаме повеќе од половина час и никако да влеземе да гласаме. Ваквиот начин на гласање со отпечаток од прст е апсурд бидејќи очигледно не им функционираат апаратите – ни изјави нервозно граѓанин пред гласачкото место во училиштето „Лирија“ во Тетово каде што имаше редица од триесетина граѓани.

Претседателот на избирачкиот одбор на гласачкото место Фатон Мустафаи ни изјави дека гласањето се одвива без поголеми проблеми и дека е можен мал застој при гласањето само ако уредот не го препознае отпечатокот од прст.

Портпаролката на ДИК Љупка Гугучевска потврди дека на некои избирачки места има проблем со апаратите за отпечаток од прст.

– Ние тоа и го антиципиравме, со оглед дека се воведува нова технологија за првпат на овие избори. Тоа е секогаш проследено со ризици, меѓутоа битно е тие да се надминуваат навремено. Имаше прекин во одреден број избирачки места поради лошо ракување со уредите за биометриска идентификација од членовите на избирачките одбори, потоа поради лош квалитет на базата на отпечатоци, што доведе до непрепознавање на отпечатоците на одреден број гласачи и до застој во гласањето. Тоа се случуваше во исклучително ретки случаи, затоа што имаме 500 резервни уреди – рече Гугучевска.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com