20.8 C
Skopje
Sunday, June 20, 2021

Финансиските директори очекуваат зголемување на невработеноста и раст на БДП помал од 0,5 отсто

Најчитани вести

Вкупно 57 отсто од финансиските директори во Северна Македонија очекуваат раст на стапката на невработеност и сметаат дека годината која е пред нас не е вистинско време за преземање поголеми ризици, 14 отсто се оптимисти во однос на финансиските изгледи во 2021-ва, а 57 проценти не очекуваат големи промени. Исто така, 57 отсто од финансиските директори предвидуваат раст на БДП помал од 0,5 проценти, а само 14 отсто над 3,5 проценти, покажува најновото истражување што го спроведе ревизорско-консултантската куќа Deloitte.

Според истражувањето спроведено од ноември до декември 2020, кое го претставува мислењето на 590 финансиски директори од 17 централноевропски земји, евидентен е општиот негативен надолен тренд во однос на претходната година во врска со изгледите за иднината. Просечниот очекуван раст на БДП за 2021 година е само 0,25 отсто во споредба со двата процента лани или 2,3-те отсто во 2019 година.

Во целиот регион повеќето финансиски директори или 62 отсто очекуваат пораст на индексот на потрошувачките цени (во споредба со 83 проценти во 2020-та, односно 82 процента во 2019-та). Во Северна Македонија, 71 отсто од финансиските директори предвидуваат раст на овој индекс, додека само 14 отсто не очекуваат никаква промена на индексот.

– Како и во минатогодишното издание, гледаме како постојаната неизвесност околу пандемијата продолжува да ги обликува начините на кои финансиските директори ја планираат претстојната година. Ова го увидовме од бројните одговори на анкетата спроведена меѓу финансиските директори. Намалувањето на трошоците и проширување со аквизиција се едни од клучните стратегии на кои финансиските директори ќе се фокусираат оваа година, вели Оливера Андријашевиќ, партнер во Ревизија и лидер на CFO програмата на Deloitte.

Од 2018 година се повеќе финансиски директори очекуваат пораст на стапката на невработеност. И додека 36 проценти од испитаниците очекувале стапката на невработеност да порасне во 2020, сега се речиси 70 отсто од испитаниците, што јасно е дека е поврзано со КОВИД-19 и пазарот на трудот. Ваков став имаат 45 отсто од финансиските директори во Црна Гора, 38 проценти во Албанија и 38 отсто во Србија.

Финансиските директори и понатаму го гледаат интерното финансирање (49 отсто) и задолжувањето во банки (43 отсто) како одржливи извори на финансирање на своите организации. Иако ниеден од понудените извори на финансирање не е оценет како „привлечен” од страна на повеќето испитаници, важно е да се напомене дека ниеден од изворите на финансирање кои се оценети како „непривлечни ” не го одбраа повеќе од 30 проценти од испитаниците. Должничките инструменти (47 оттсо) и инструментите на капиталот (53 отсто) добија најголем процент на „неутрални” одговори.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести