4.1 C
Skopje
Friday, December 3, 2021

Филхармонија со концерт насловен „Зимски соништа“

Најчитани вести

Оркестарот на Филхармонија овој четврток во 20 часот ќе го одржи концертот насловен „Зимски соништа“. Како солист ќе настапи виолистот Тимоти Ридаут од Велика Британија, диригент е Конрад ван Алфен од Холандија, а на програмата се Концертот за виола во е-мол, оп. 85 (транскрипција од Kонцертот за виолончело) од Едвард Елгар и Симфонијата број 1 “Зимски соништа“ од П.И.Чајковски.

Сер Едвард Елгар (1857-1934) е еден од најзначајните британски композитори и еден од водечките европски композитори од неговата генерација. Иако се детерминира како типичен англиски композитор, неговите главни музички влијанија доаѓаат од континентална Европа. Шуман, Брамс, Лист, Вагнер и Штраус биле композиторите во кои наоѓал инспирација за своите дела. Концертот за виолончело и оркестар е едно од последните големи оркестарски дела на Елгар. Фактот што го завршил по Првата светска војна, кога бил во финансиски потешкотии и со нарушено здравје се одразил и во атмосферата и музичката структура на ова дело кое се разликува од неговите претходни композиции.

Првата симфонија на Чајковски е едно од најзначајните дела во симфониската приказна на 19 век, оригинална во секој контекст, различна од се што било напишано пред неа. Со неа го маркирал тлото на кое потоа ќе ги трасираи останатите негови симфониски дела, во кои ќе продолжи да ги тестира границите на оркестарскиот звук. Покрај исклучителното место кое го има во историјата на музиката, таа, оедно, е и една од најмаркатни први симфонии напишани некогаш. „Зимска приказна“ е првата симфониска музичка приказна на големиот руски композитор со која на фантастичен начин го најавил својот потентен оркестарски опус.

Тимоти Ридаут (1995) е еден од водечките млади солисти на светската музичка сцена. Тој е уметник на новата генерација на „Би-Би-Си“ од 2019 година, a неговите концертни ангажмани оваа сезона вклучуваат настапи со оркестрите во Берлин, Бордо, Салцбург, Симфонискиот оркестар на „Би-Би-Си“… Настапувал со диригенти како Давид Цинман, Силвијан Кембрелинг, сер Андреас Шиф… Го нарекуваат виолист „чиј тон не може да биде посигурен, и чиј музички инстинкт инспирира самодоверба на секое можно ниво“, млад изведувач чија изведба се одликува со „солиден тон, совршена интонација, солидна техника и харизма“, но и еден од најдобрите млади виолисти кој постојано воодушевува со своите „возбудливи вибрато тонови“ и талент чија кариера со сигурност ќе биде успешна. Денеска активно настапува и како солист и како камерен музичар, а неговите ангажмани вклучуваат и по неколку настапи во сезоната во Вигмор Хол, како и во цела Британија, Европа и Јапонија. Редовно свири на фестивалите во Луцерн, Локенхаус, Берген, Евиан, Аспен… Соработувал како камерен музичар со врвни уметници како Џошуа Бел, Изавбел Фауст, Јанин Јансен, Кристиан Тетцлав, Николас Алштед, Киан Солтани, Ларс Вогт и многу други.  Неговиот втор албум „Музика за виола и камерен оркестар“ на кој се поместени дела од Вилијамс, Мартину, Хиндемит и Бритн беше издаден во февруари 2020 година под етикатата на издавачката куќа „Claves records“. Неговиот деби албум излезе во 2017 година во соработка со пијанистот Ке Ма.

Свири на виола од Перегрино ди Зането од 1565 година.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com