Home » Фестивалот на нем и класичен филм почнува со „Носферату“

Фестивалот на нем и класичен филм почнува со „Носферату“

by Журнал.мк

Со проекција на „Носферату, симфонија на стравот“, филм на Фридрих Вилхелм Мурнау од 1922 година, во музичка придружба на Џијан Емин, на 31 август (среда), во 20 часот, во летното кино, Кинотеката го започнува годинешното издание на Фестивалот на нем и класичен филм, кој ќе трае до 7 септември.
– Во 14 термини ќе презентираме три филма на типичниот претставник на германскиот експресионизам Мурнау; два со Бастер Китон, „Човекот со каменото лице што го засмејуваше светот“ од ерата на немиот филм; мини-циклус на Рајнер Вернер Фасбиндер; по еден филм на француските авторски ведети Луј Мал и Клод Соте; како и домашното документарно наследство – „Филмски новости“ (1945-1948).
На последната вечер на Фестивалот на нем и класичен филм во летното кино ќе бидат прикажани три етнолошки филма во чест на Вера Кличкова, по повод 111 години од нејзиното раѓање. Оваа проекција на филмовите „Русалиски обичаи во Гевгелиско“, „Велигденски обичаи“ и „Мариовска свадба“ е дел од проектот „Сезона на филмски класици“ на Асоцијацијата на европски кинотеки, со чија финансиска помош, тие беа дигитализирани и дигитално реставрирани – најавуваат од Кинотеката.
Освен „Носферату“, ќе ги видиме и филмовите „Фауст“ и „Патување во ноќта“ на Мурнау. Можеби ќе звучи како интересна паралела што актерот Вилхелм Дитерле, кој во филмот „Фауст“ го игра Валентин, братот на Гречен, во 1930-тите години емигрирал во САД и направил светска кариера како режисер и актер под името Вилијам Дитерл. Во богатата кариера го режирал и „Дубровски“ (1959, според истоимената новела на Александар С. Пушкин за руската варијанта на Робин Худ), како копродукција помеѓу „Вардар филм – Скопје“ од Македонија и „Хеспериа филм – Рома“ од Италија. Во него, покрај актерите Џон Форсајт (за нашата публика најпознат по главната улога во некогаш мегапопуларната ТВ серија „Династија“), Росана Скиафино, Пол Далке и Мерио Бернарди во главните улоги, играат и Илија Џувалековски, Драгомир Фелба, Дара Милошевиќ, Јован Јаниќиевиќ, Божидар Дрниќ, а во екипата на филмот учествувале и Ацо Петровски, како директор на филмот, костимографката Мира Глишиќ, асистентите на режија Александар Ѓурчинов, Кочо Недков и Миомир Мики Стаменковиќ, потоа асистент-снимателот Љубе Петковски, асистентот на сценографија Диме Шумка и организаторот на снимањето Ристо Теофиловски-Риџвеј.
– Кога сме кај куриозитетите поврзани со овој филм, хрониките забележале дека на аудицијата за главната женска улога се пријавила и Лени Рифенштал, подоцна успешна актерка, но многу попозната како режисерка на пропагандните документарни филмови од периодот на нацистичка Германија („Триумф на волјата“ и „Олимпија“ се нејзини најпознати наслови). Меѓутоа, била одбиена. Фасбиндер, пак, во неговиот краток и бурен живот (1945-1982) снимил 30 филма во период од 12 години – велат од Кинотеката.
Вљубеникот во холивудските мелодрами на Даглас Сирк во раната младост ќе ја „размрда“ германската и европската кинематографија со своите бескомпромисни филмови. „Лили Марлен“, „Бракот на Марија Браун“, „Ефи Брист“, „Копнежот на Вероника Фос“ и „Марта“ се изборот од неговата исклучителна филмографија за ова издание на фестивалот.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk