36.8 C
Skopje
Tuesday, August 3, 2021

Фамилијата не смее да трпи! – потресна владина приказна

Најчитани вести

Од: Димче Арсовски

Ве читам по цели денови на Твитер и Фејсбук и Ви се чудам на сите, вклучително и себе. Па, кои сме бе сите ние обични граѓани да се лутиме и буниме што оваа Влада си ја работи својата работа на начинот што најдобро го знае? Па, кои сме бе сите ние обични луѓе да се буниме што немало вакцини, што немало помош од државата или што се зима провизии и рушвет на секој чекор?

Кои сме бе ние да се буниме за нивните провизии од наши пари и да им зимаме од устата на нивните деца и фамилии на почитуваните властодршци, кои за волја на вистината вредат повеќе од на обичниот народ?

Не, дечки, почитувана интелектуало, знајна и незнајна алтернативо и знајни и незнајни експерти за политичко-општествени теми. Не сме ние тие достојни граѓани да им се буниме за провизиите. Сакате ли пак премиерот да ни се жали јавно дека неговите деца се затвораат и плачат кога ќе видат нешто лошо за него? Не е убаво нивните деца да плачат затоа што граѓаните се бунат што нивните родители крадат од наш џеб.

Запомнете, ФАМИЛИЈАТА НЕ СМЕЕ ДА ТРПИ!

Е вака, почитувани, би сакала власта да изгледа, секое размислување на секој еден во државава. Цела владина булумента би сакала ова да е „Оче наш“ и сите да го повторуваат кога ќе излезе некој нов рушвет-скандал во јавност.

За жал на неспособнава булумента, а за среќа на оваа наша напатена Македонија и наш напатен народ, сѐ уште има критичка мисла. Она мене што ме радува, критичката мисла е сѐ поголема, сѐ погласна и сѐ појасна. Ќе има шанса овој народ прво на локални да се изјасни против оваа „Рушвет Влада“ и да ги казни. Неспоредливо е како ВМРО-ДПМНЕ се справуваше со предизвиците до пред некоја година и како СДСМ создава проблеми од кога се дојдени на власт. Јасно е кој ќе победи на следните избори. Да бидам попрецизен, конечно народов сфаќа колку е излажан и изманипулиран од овие што рушеа режим со пенкало. Само што сите заборавија дека како што се руши режим со пенкало, уште повеќе се краде со истото пенкало. А, богами од тогаш наваму секој функционер на СДСМ има потрошено стотици пенкала за потпишување тендери и крадење народни пари. Па тие пари со потпис им се најслатки нив.

И тука доаѓаме до главната тема, дека некој со истото пенкало и потпис кој што ќе го стави на лист хартија за набавка на вакцини, преку Хонг Конг може да украде милиони евра и тоа директно од напатениот народ. А, што е најлошо, кога народот почнува да ги пцуе и да урла затоа што се фатени во „таљ“ и провизии, очекувам за неколку дена неспособнава булумента преку верните медиумски поддржувачи да излезе и да каже дека народот е крив што не им дава да земат провизија од вакцините и затоа нема вакцини. Едноставно, народот и ВМРО-ДПМНЕ се криви за нивната алчност и криминогеност.

Никој, ама баш никој, не сака ниту да помисли и да размисли колку голема жртва даваат Филипче и Заев за да набават 2,5 милиони вакцини, од кои до сега не се стигнати ни 10.000 и тоа како донации. Едниот разговара со тајни служби (бог знае кој го „возел“ на телефон), другиот мора да лаже по паметот на првиот дека само што не стигнале вакцините. Згора на сѐ, треба да бараат фантом фирми во Хонг Конг, што е навистина истоштувачки (па знаете ли вие колку е далеку Хонг Конг), додека се соочуваат со сите предизвици овде (читај секојдневно перење од милионски скандали за крадење) и на крај, да излезе некој си странски весник (кој го обзнани „Рекет“) и да каже дека поради сомнеж за криминал им го вратила авансот кинеската фирма на нашава неспособна булумента.

Што би рекла Шеќеринска, кога јавно ги прозвав пред десетина дена дали им го вратиле авансот и зошто – можевме да кажеме, а можевме и да не кажеме дека ни го вратиле авансот, ама сакавме да бидеме транспарентни – вешто тогаш Шеќеринска нагази на памук со целата своја тежина и пропадна.

Цели 4 години ние гледаме само транспарентно крадење на наши пари, а никој од нив не одговара. Цели 4 години се жалат како нивните деца се затварале по соби и плачеле кога ќе виделе што зборува за нив народот, а никој од нив не му текна да праша некој близок на овие 3.200 починати од ковид-19 и да прашаат како се, починати чиј еден и единствен грев бил што живееле, твореле и плаќале данок во држава во која ја води неспособна булумента како СДСМ на чело со Заев и остали неспособни на кои поважно им е да крадат, наместо да работат?

На крај, сакам јавно да прашам, па колку побогу се поважни и потешки солзите на децата на функционерите на СДСМ од солзите на стотици илјади должни и недолжни граѓани на Република Македонија, на кои мајката им ја расплакавте по секој основ?

Бидете сигурни, дека секое едно евро и секој еден денар заработен со крадење, таљ, провизија, рушвет или како и да го кажете, ќе ви тежат како најтешка планина кога ќе дојде време да одговарате за цело ова зло што го нанесовте. Нема држава без правда, а ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе направи држава од оваа анархија што ја створи неспособната булумента на СДСМ. Е, токму во таа држава, Република Македонија, ќе одговара секој еден што тргнал да се обогати од народните пари, а верувајте дека правдата ќе го стигне секого.

Време е на оваа држава да ѝ се исплатат солзите што ги има пролеано изминативе 4 години овој напатен народ, воден од неспособна булумента на која паметот ѝ е само во долари и во евра. А, здравје боже и низ затворите низ државава.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести