На јапонските производители на автомобили им годи општиот предизвик во браншата и на планетата, за емисијата на СО2 да се сведе на нула. Mazda ветува дека нејзините фабрики ширум светот, до 2035 година ќе произведуваат неутрално во поглед на емисијата на СО2, а потоа следи и неутралност на целиот синџир од добавувачи до 2050 година.
Според менаџерите на Mazda, клучна одговорност на сите производители на автомобили е да дадат придонес во забавувањето на глобалното затоплување, преку намалување на емисијата на СО2. Тоа може да се постигне во секој чекор во производството на автомобили, вклучувајќи ја самата монтажа, транспортот, како и секојдневното користење на автомобилите и рециклирањето.
Како резултат, Mazda активно се вклучува во неколку иницијативи што имаат цел да се постигне неутралност во поглед на емисијата на СО2.
За да постигне неутралност во производството во фабриките до 2035 година, Mazda ќе продолжи да соработува тесно со своите партнери и ќе се посвети на три подрачја:
- Зачувување на енергијата
- префрлување на користење енергија од обновливи извори и
- воведување горива што се неутрални во поглед на емисијата на СО2, во интерниот транспорт.
Првото подрачје се однесува на зачувување на енергијата, преку преземање мерки во самите процеси на производство на возила, во коишто се испушта голема количина СО2. Во тие мерки се предвидува намалување на топлинската енергија, на пример, преку развој на бои што се сушат на ниска температура, како и подобрување на ефикасноста на претворањето на енергијата, преку оптимизација на процесите.
Во поглед на преоѓањето на енергија од обновливи извори, Mazda ќе им помага на локалните производители на енергија. Како пример се наведува поддршката на Комитетот за промовирање на карбон-неутрална електрична енергија во регионот на Чугоку, Јапонија. Покрај тоа, во фабриките на Mazda локално ќе се произведува енергија со ниска или нулта емисија на СО2 и ќе се набавува електрична енергија од дистрибутери на енергија од обновливи извори.
Пример за третото подрачје, за воведувањето горива што се карбон-неутрални, ќе биде користењето на овие горива во транспортот во рамките на фабриките. Mazda ќе помага во развојот на биогорива во подрачјето на Хирошима.
Мерките што прво ќе бидат преземени во Јапонија, потоа ќе се применуваат и во сите останати фабрики и во инфраструктурата на Mazda во светски рамки.