Home » Уште еден „нон пејпер“: Што сè Косово и Србија можат да загубат доколку не се договорат

Уште еден „нон пејпер“: Што сè Косово и Србија можат да загубат доколку не се договорат

by Журнал.мк

Косово може да не ја формира заедницата на српските општини и целосно да се повлече од Спогодбата од 2013 година, но тогаш ќе мора да трпи последици од поништување на сите досегашни постигнувања, какви што се слободното движење, повикувачкиот број, интеграцијата на северниот дел и контролата на двата премини кон Србија, ја пренесува српскиот „Данас“ содржината на таканаречениот „нон-пејпер“ објавен во „Албанијан пост“.

Според објавеното, „нон-пејперот“ бил напишан од еден западен дипломат длабоко инволвиран во процесот на нормализирањето на односите помеѓу Косово и Србија. Во него, со остар и нималку дипломатски јазик, на Белград и на Приштина им било ставено до знаење што се ќе загубат доколку напорите на Западот за воспоставување мир во регионот бидат соочени со одложувања или со намерни блокади.

Документот бил напишан на шест странци, со 11 посебни делови и 20 точки. Во еден од најважните делови на документот, насловен како „Динамика напред – неуспех не е опција“ се наведувало дека ЕУ и Западот веќе немаат намера да бидат набљудувачи во „тактиката на пролонгирање“.

– Доколку Косово или Србија не бидат конструктивни партнери и не ја потпишат спогодбата, тоа ќе значи запирање на процесот на интеграција и потенцијален пресврт во односите со ЕУ и во и во ползувањето на се она што од тоа произлегува – стоело во документот.

Според тоа, „Косово не може да очекува оти ќе продолжи да ја ужива апсолутната заштита од западниот свет, што е од витално значење за неговото постоење, а истовремено колебливо да ги прифаќа западните напори за траен мир“.

Од другата страна, Србија не може да очекува оти ќе продолжи да ги ужива финансиските, економските и политичките придобивки од постоечките спогодби и истовремено да ги подрива напорите за траен мир“.
Во документот, на Србија, јасно и се ставало до знаење дека „вистинска рецепта за катастрофа е коцкањето со лажните надежи дека еден ден, во иднината, НАТО и ЕУ ќе се урнат што ќе отвори пат за нова окупација на Косово“.

Во „нон-пејперот“ се посочувало и дека „веќе на следните состаноци двете страни ќе бидат запознаени со сериозните последици доколку предлогот биде отфрлен“ и дека западните претставници без задршка ќе почнат да ги користат „стаповите“. Како следниот итен чекор се најавува определување на точната дата за потпишување.

– Без определена дата, трајното одолговлекување, доцнењето и блокадите повторно ќе го диктираат процесот и ќе ја исмејуваат немоќта на Европа и на западниот свет – било констатирано во документот.

Во случај на неуспех на „шатл-дипломатијата“, според наведеното, останувала само уште една карта за крај.

– Доколку страните и понатаму се колебливи, ќе се организира меѓународна конференција, како последен обид да се убедат двете страни – стоело во „нон-пејперот“.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More