Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе учествуваат во работата на Комисијата за уставни прашања, но ќе гласаат против точката, за промена на највисокиот правен акт да се најде на дневен ред. Ова го најави партискиот лидер Мицкоски кој повтори дека останува непроменет ставот по однос на ова прашање. Тој вели оти е нејасно зошто Владата до Собранието го доставила и текстот на амандманите, бидејќи како што посочи, на тој начин ја влошила состојбата. Според него, евентуалното одвојување на Скопје и Тирана на интегративниот пат, што беше најавено како можност ако не поминат уставните измени, ќе претставува грешка на Брисел.
Засега и Владата и претседателот Пендаровски остануваат на мислењето дека има време опозицијата, да се премисли и уставните измени да се случат наесен. Потегот на Мицкоски, според СДСМ е обид да се оддалечи државата од ЕУ.
Расправата во Комисијата за уставни прашања може да трае најмногу 10 работни дена. Првата пленарка е закажана за 18 август. Претседателот Пендаровски викендов рече дека очекува засилени преговори меѓу власта и опозицијата, а гласањето да се случи во ноември.