-2.2 C
Skopje
Sunday, February 5, 2023

Утре бугарско-македонски бизнис форум во Скопје

Најчитани вести

Во Скопје утре ќе се одржи Бугарско-македонски бизнис форум. Ќе го отворат министрите за надворешни работи на Бугарија и на Северна Македонија, Николај Милков и Бујар Османи. Дописникот на МИА од Софија во пресрет на форумот побара коментар за очекувањата од овој настан од претседателот на Бугарско-македонската трговска и индустриска комора, Пламен Павлов.

Според него, на бизнис форумот во Скопје не треба да се предлагаат многу проекти, туку еден или два пилот проекта, што ќе го дадат моделот за развој на деловните односи меѓу двете соседни земји. Тој за МИА ги презентираше своите ставови за овие проекти. Енергетиката, транспортното поврзување и земјоделството се трите многу важни сектори во економските односи меѓу Бугарија и Северна Македонија.

Според Павлов, Северна Македонија годишно користи 280 до 300 милиони кубни метри гас, што е нешто повеќе од еден танкер со течен гас. Северна Македонија има планови да влезе во терминалот во Александропулис, со што сака да се снабдува со гас за својот енергетски систем. Танкерот не може да стои цела година, за да ги извлекуваш од него количините што ти се потребни. Танкерот мора да биде испразнет и да продолжи понатаму, бидејќи во спротивно секој ден ќе ги чини многу пари властите во Скопје, а во исто време гасот мора некаде да се складира. Тоа, вели Павлов, може да се направи во бугарското складиште за гас во „Чирен“, кое треба да биде независен субјект во енергетскиот систем на Бугарија и да учествува на пазарот на гас во нашиот регион.

Гасот што го набавува Северна Македонија може да се складира во „Чирен“, а во меѓувреме да се пушти во бугарската и романската гасоводна мрежа, а кога ќе му треба на Скопје, Софија може да даде од своите количини. „Чирен“ е пред проширување и неговиот капацитет ќе се зголеми од постојните милијарда метри кубни на 1.5 милијарди кубни метри, за што Европската комисија веќе има договорено средства со бугарската „Булгартрансгаз“, која е негов сопственик.

Павлов вели дека ваквиот проект уште повеќе ќе ја зајакне енергетската поврзаност меѓу двете земји. Порано или подоцна, Северна Македонија ќе има вистински удел во терминалот Александропулис, ќе треба да го интегрира својот пазар на гас со оној на соседните земји. Северна Македонија може да се поврзе со грчкиот преносен систем, но поврзувањето со бугарската мрежа ќе и даде поголема флексибилност, убеден е Павлов.

Друг клучен енергетски проект, според него, меѓу Бугарија и Северна Македонија е изградбата на нов гасовод меѓу Петрич и Струмица. Овој проект ќе чини од 42 до 43 милиони евра, што не е голема сума за бугарската економија.

Покрај енергетиката, смета Павлов, многу важен сектор е и земјоделството. бБгарските и македонските земјоделски производители сега работат самите за себе, вели Павлов и прецизира дека се поуспешни на македонска, а помалку успешни на бугарска страна. За време на бизнис форумот во Скопје, ќе биде предложен интересен пилот проект кој треба да ги обедини производителите од двете страни на границата, од Петрич и Сандански од бугарска и од Струмица и Струмичко од македонска страна.

Целта е да се произведат садници, кои ќе им бидат дадени на македонските и бугарските земјоделци од овој регион. Дополнително, ќе се воведе хемиска заштита и истовремено ќе се гарантира откуп на готови земјоделски производи. Исто така, бербата ќе се врши истовремено и во двете земји, по што ќе се сортираат, брендираат и директно ќе се договараат со трговците. Павлов вели дека на овој начин производството ќе се пласира не само на домашните пазари, туку целта е да стигне и до Европа. Категоричен е дека бугарските и македонските земјоделски производи мора заедно да одат на трети пазари. Колегите од Северна Македонија, потенцира Павлов, имаат мото „Бизнис без граници“, а бизнисот не треба да се дели на бугарски и македонски, туку предностите на Бугарија како членка на ЕУ треба да се искористат, како и предностите што се уште ги има Северна Македонија пред да влезе во Европската Унија. Потребна е внимателна и флексибилна деловна политика и мора да се погледне каква е нивната финансиска перспектива.

Пламен Павлов смета и дека меѓу Бугарија и Северна Македонија треба да има заеднички туристички кластер. Во однос на транспортната поврзаност, Павлов за МИА вели дека иницијативата за пуштање на авиолинијата меѓу Софија и Скопје е добра, но не била целосно осмислена, бидејќи можела да биде исполнета со луѓе од администрацијата, но и до деловните кругови на двете земји, како и на оние кои патуваат за тим билдинг, за Бугарите да одат на нивните настани и одмори во Охрид, а Македонците да одат во Банско, а на лето да ги посетат одморалиштата во Бугарија покрај Црното Море. Павлов смета дека овој кластер во областа на туризмот има многу можности кои треба да се искористат и додава дека не треба да се пропушти и балнеотуризмот.

Тој е убеден дека не треба да се делиме, кој, како да го излаже другиот, туку како да соработуваме и да се поврземе повеќе. Павлов како многу добар сигнал за деловни односи и контакти меѓу Бугарија и Северна Македонија го оценува испраќањето македонски амбасадор во Софија по пауза од две и пол години, велејќи дека тој и неговите колеги веќе имале неколку средби со Агнеза Руси-Поповска, која покажува голем интерес да работи на зближување на двете земји.

На прашањето на дописникот на МИА од Софија дали очекува трговската размена меѓу Бугарија и Северна Македонија годинава да достигне милијарда евра, што е првпат во нивните билатерални односи, Павлов коментира дека прво останува да се види каква е структурата на оваа бројка. Според него, тоа го прават неколку големи субјекти од двете страни. Во овие милијарда евра размена на стоки мал е уделот на малите и средни компании. Павлов смета дека токму малиот и средниот бизнис е основата на се, бидејќи ако некој од овие големи субјекти престане со активност, тогаш размената на стоки ќе се врати на 500 милиони евра или уште помалку. Колку повеќе внимание се насочува кон малите и средните бизниси, кон комуникацијата на овие компании од двете страни на границата, толку поодржлива ќе биде размената на стоки меѓу Бугарија и Северна Македонија и поперспективна економската комуникација меѓу две соседни земји, нагласува Пламен Павлов.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести