4 C
Skopje
Tuesday, March 9, 2021

Уставни судии во обид да ги спасат обвинетите од СЈО за постапката за тендери

Најчитани вести

Уставните судии Јован Јосифовски, Никола Ивановски, Осман Кадриу и Елена Гошева утрово беа најгласни на седницата на Уставниот суд за време на првата точка од дневниот ред за иницијативата за испитување на уставноста за членот од Кривичниот законик за злоупотреба на службената положба и овластување кога се во прашање постапките за тендери.

Уставната судијка Елена Гошева како судија-известител утрово ја објасни иницијативата поднесена пред една година од адвокатот Еленко Миланов.

Станува збор за членот 353 став 5 од Кривичниот законик, кој се однесува на злоупотреба на службената положба и овластување при што има направена штета на Буџетот, а опфаќа најголем дел од обвинетитe пренесе Макфакс.

Предметот на оспорување е по неколку основи. Меѓу другото, спорно е тоа дали службеното лице може да биде одговорно за јавна набавка кога за тоа одлучува комисија.

„Ова може да биде и препоставена одговорност“, рече Гошева појаснувајќи ја иницијативата на адвокатот.

„Службеното лице кое активно не учествува во јавната набавка се претпоставува дека може да провери незаконитост и со тоа да ја преземе одговорноста“, рече Гошева и појасни дека според иницијативата со членот 353 став 5 се остава произволно толкување за постоење на штетата со ваквиот квалификаторен елемент.

„Санкцијата за ова дело се изедначува со убиство“, образложуваше Гошева при реферирањето на предметот и кажа дека се бара и времена мерка.

Судијата Дарко Костадиновски побара одлагање на точката и да се повика стручната јавност или јавна расправа. Рече дека ова прашање создава тензии во општеството и дека со оваа точка се опфатени десетици лица.

Судијата Осман Кадриу рече дека со овој член се настојува конкретни лица по секоја цена да бидат осудени и побара одлагање на точката за овој предмет.

Најгласен во одбрана на иницијативата беше судијата Јован Јосифовски, избран во време на ВМРО-ДПМНЕ. Рече дека членот е нејасен, непрецизен и произволен и како таков е неуставен.

„Не ми треба колегиум, ни јавни расправи. За мене тоа е катастрофа. Нема да присуствувам на колегиум. Ако е судија Сваровски ќе му одреди казна од 5 до 20 години. Не може убиство да се израмни со јавни набавки“, рече Јосифовски.

На ова поддршка доби од Никола Ивановски кој кажа дека делот од одредбата каде што пишува “злоупотреба на други средства од државата” е неуставен.

Претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати, кому денеска му беше првата седница како прв човек на судот, рече дека нормата според него е јасна и не гледа непрецизност.

„Ова не е тазе норма. Се работи за злоупотреба на големи буџетски средства. Ние не ја креираме казнената политика. Замислете да нема вакви одредби. Во секоја држава, злоупотреба на Буџетот е најголемо кривично дело. Ако ја олабавиме оваа одредба ќе се префрлаат одговорности. Оваа норма е во правен промет 10, 15 години и треба да остане. Зошто некој да се плаши ако не е виновен? Ајде тогаш и за убиство и за педофилија да кажеме дека се драконски казните“, рече Мурати.

Судијката Вангелина Маркудова реле дека за ова дело каде што се јавните набавки, штетата е огромна.

„Со Законот за јавни набавки е опфатена и Комисијата. За мене е јасно“, рече Маркудова.

Во постарите верзии на Кривичниот законик била пропишана поблага казна за ова кривично дело, околност, која според тврдењата на адвоктите, им оди во корист на обвинетите.

Повеќе вести

- Advertisement -

Најнови вести