Home » Уставниот суд денеска ќе одржи седница на која ќе расправа по три предмети

Уставниот суд денеска ќе одржи седница на која ќе расправа по три предмети

by Журнал.мк

Уставниот суд денеска ќе одржи седница на која ќе расправа по три предмети.

Првиот предмет, поднесен од д-р Марјан Попески, се однесува на оспорување на член 200 став 5 од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.34/2006, 126/2006, 84/2007, 47/2011, 79/2013, 164/2013, 29/2014, 98/2015 и 192/2015).

Според наводите од иницијативата, оспорениот член 200 став 5 од Законот за стечај не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот (правната заштита на сопственоста), како и со член 9 став 2 од Уставот, според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Подносителот на иницијативата бара да се укине член 200 став 5 од Законот, бидејќи смета дека со ваквата одредба му се овозможува на правното лице коешто нема својство на парнична странка да продолжи да води судски постапки, што во пракса би значело дека правното лице во стечај и по бришењето од судскиот регистар може да води парници.

Вториот предмет се однесува на оспорување на делот „или е под суспензија или е укинат“ од став 3 од член 57 од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/2020, поднесено од Кристина Бачовска Синколи, преку адвокатот Роберт Бачовски Синколи.

Според подносителот на иницијативата, оспорениот дел од одредбата во делот „или е под суспензија или е укинат“ од Законот за урбанистичко планирање не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6, и 10, член 30 ставови 1 и 3, член 51 став 1 и член 54 од Уставот. Подносителот, меѓу другото наведува дека со законската можност да не се издава извод од детален урбанистички план од важечкиот план, се кршат бројни права и слободи, односно пред сè, се повредува правото на градење коешто произлегува од правото на сопственост, а кое било уставно загарантирано право.

Третиот предмет по кој ќе расправаат уставните судии е барање за заштита на слободи и права по пресуди на Основниот граѓански суд Скопје и Апелациониот суд Скопје, поднесено од Влатко Стојановски, преку адвокат Филип Медарски.

Подносителот на иницијативата смета дека со пресудите на двата суда е повредена уставно гарантираната слобода на изразување и членот 10 од Европската конвенција за човекови права. Според него, државата преку соодветни државни институции не ја гарантирала неговата безбедност на 27.04.2017 година при извршување на работната задача во Собранието, а двата суда со пресудите не ги зеле предвид тужбените барања за повреда на слободата на изразување и настаните коишто му се случиле односно директните напади кон него во Собранието, бидејќи како новинар известувал за прашања од јавен интерес.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More