Четири нови детски катчиња се поставуваат во Куманово. За оваа намена од општинскиот буџет се одвоени речиси пет милиони денари. Граѓаните во неколку наврати бараа да се постават детски катчиња во населбите и поширокото централно подрачје. Согласно планот беше предвидена изградба на шест катчиња, но по процената и покачените цени на материјалите надлежните одлучија да се направат четири детски игралишта.
Но додека трае изградбата на новите, несовесни граѓани ги уништуваат старите детски катчиња. Неколкупати опремата беше целосно уништена. Особено во лоша состојба се катчињата на градскиот кеј, пред спортската сала, кај Соколана. Родителите имаа забелешки не е небезбедно децата да си играат.
„Свеста ни е на многу ниско ниво, сè што ќе се направи во општината од урбана опрема се уништува многу бргу. Како да ги заштитиме е навистина многу проблематично. Како Совет се надевам дека ќе обезбедиме средства дополна има уште локации каде што може да се направат такви катчиња“, истакна Ивана Ѓоргиевска, претседателка на Совет на Општина Куманово.
Надлежните размислуваат и за различни можности за зачувување на опремата која постојано е мета на вандали.