Поранешниот премиер, а сега азилант Никола Груевски нема да биде екстрадиран од Унгарија, бидејќи не биле исполнети условите за тоа, одлучи судот во Будимпешта на денешното рочиште.
Груевски ќе биде пуштен на слобода, бидејќи, како што рекла судијката, условите за екстрадиција не се исполнети, објавија унгарските медиуми.
Рочиштето во судот се одвиваше зад затворени врати откако одбраната побарала медиумите да не бидат присутни на судењето.
Груевски беше приведен од полицијата и донесен во судот во Будимпешта, каде што се појави со очила за сонце и безбол капче со раце покриени со палто, веројатно за да ги скрие лисиците. Тој одби да одговара на новинарски прашања.
Македонија бараше екстрадиција за издржување на двегодишната затворска казна за набавката на мерцедесот во случајот на СЈО „Тенк“ и за настаните што се случија во Собранието на 27 април 2017 година, за што е осомничен дека бил организатор.
Груевски доби политички азил во Унгарија откако беше осуден на двегодишна затворска казна за набавката на „мерцедесот“ и побегна од земјава, а е обвинет и во други случаи на СЈО.