25.4 C
Skopje
Thursday, May 13, 2021

Уморна политика – незаситни медиуми

Најчитани вести

Не паметиме свет без телевизија и новите медиуми. Тоа се нешта со кои се живее, што се гледаат и секојдневно восприемаат. Светот за генерациите родени по 1950-тата исчезнал токму во педесеттите години од минатиот век.
Во ерата на апсолутна медијализација, време на постисторијата, нема ни вистина ни политика, сѐ е илузија. Во 1968 година беше последниот трепет на историското струење, по што започнува „агонијата на стварноста“, според постулатите на Бодријаровата дијалектика. Бумот на електронските медиуми и во суверена и независна Македонија продолжува и се интензивира, сѐ во рамките на со Уставот загарантираното право за слободно основање институции за јавно информирање и слободата на пазарот и претприемаштвото.
Во тој „демократски“ пандемониум од медијализираната стварност, од виртуелни политички сеанси и акции што секојдневно ни се наметнуваат и атакува врз нашите сетила, со стратегијата на т.н. баражна ескалација, конечно лесно ја препознаваме „возвишената“ цел – стеснување и намалување на просторот за спонтаност и логични предочувања.
Заточени како во циркуски кафез, арена каде што преовладуваат металогички, смешни критериуми, според кои смислата не се врти повеќе околу нас, граѓаните, втурнати во своевиден коперникански хаотичен грч, при што секојдневно немо се обидуваме да ги распознаеме, нештата, сликите и текстовите, да различиме и одбереме политички илузии или вистината и ангажманот, копнежот, да разбереме и да им се им се доближиме на фактите и на вистинскиот полнокрвен живот.
Политичката реалност е една од патетичните жртви на налетите на некритичката и незаситна виртуализација. Таа е претворена во своевидна холографска матрица и е сериозно дестабилизирана од секојдневната некритичка репетиција при што забрзано се празни и деструира и се манифестира како недоверба, доверба, поткревање или пад на рејтингот и сл.

Во тие процеси и преобразби најчесто страдаат вистината и вербата на граѓанинот, но како што одминува времето, се чини и самата политика, која со оглед на резултатите во изминатите плурални години се деконструира во практиката, и се промовираа како извесна етичка недоследност и контрадикција на сопствената онтологија.
Сѐ е привид во форма на хиперреалистичка семиотика. „Сѐ е настанато, манипулирано и одредено преку артифициелната интелигенција и другите механизми на привидот, измамата и илузијата“. Она што некогаш се нарекувало стварност, исчезнало во некакво „како да е“ – во модус на егзистенција, во привид и илузија на семожните медиуми, така што веќе е сѐ потешко и комплицирано да се разликува реалноста од сопствената симулација.
Ваквиот драматичен пад на угледот на политиката и медиумите се вклопува во постмодерните трендови на изразен скептицизам и губење верба дека пронаоѓањето на вистината е воопшто можно.
Сѐ повеќе и повеќе, политиката изгледа како лажиран систем во кој членови на иста политичка класа се натпреваруваат за работни места, а не за победа на идеи или во име на поголеми колективни интереси.
Многу луѓе се уморни од професионалната политичка класа, во чие дејствување во преден план е сопствениот интерес и која од класа што се колне во име на народот се претвора во бескрупулозна „класа за себе“. Во развиениот свет во минатото, политичарите од левицата честопати доаѓаа од синдикатите, додека конзервативците се богати бизнисмени. Социјалните класи имаа свои интереси, кои беа презентирани од партиите поделени со остри идеолошки разлики.

Но на многу места идеолошките разлики во голема мера се урнати. Социјалдемократите во коалициски влади владеат заедно со полиберални конзервативци. Неолиберализмот владее во име на политичката прагма. Во таквата невротична „бомбастична“ и сѐ подраматична реалност е и нашето живеење, кое е преплавено со политички и етички контрадикции. Гордиев јазол што е загатнат и сплетен со „добронамерна“ помош однадвор, што ни се нуди како мени што ја претпочита политичката илузија наместо конкретната прагма и резултанта чија вредносна супстанција, е конкретна и економски мерлива со показатели што се меѓународно верифицирани, се видливи и секојдневно ги препознаваме и допираме и живееме.
Во дигиталната комуникациска ера настанаа крупни промени на начините како се оформува јавното мислење. Процесот на негово создавање сега е децентрализиран и дифузиран, така што покрај масовните медиуми, сега креирањето на јавното мислење вклучува разни нови форми и платформи на електронска и мобилна комуникација, интернетот, социјалните мрежи и редица други. Медиумите како конверзија на сублимираниот потенцијал на стварноста, отсекогаш биле и остануваат цел и интерес на центрите на моќ. Сосема природно и легитимно е настојувањето во сите историски епохи таа сфера да се освои и уреди според логиката и правилата на сопственото дејствување и интерес. Нивниот секојдневен близок контакт со јавноста, читателите, гледалиштето, граѓаните – потенцијално потрошувачки корпус, сегашно и идно гласачко тело, ги верификува како модел и моќно орудие за креирање онтолошка плуралност.

Времињата се менуваат и ние се менуваме во нив… Јавноста, која порано беше пасивно и аморфно мнозинство што ги апсорбира информациите од медиумите и креаторите на јавното мислење, се трансформира во сложена мрежа на поединци и групи поврзани на различни нивоа. Овие нови чинители во процесот на јавното мислење се своевидни клучки во протокот на информации, клучки што примаат, преработуваат, насочуваат и го забрзуваат протокот на информации низ комуникациската мрежа. Комуникациските врски се засилуваат или прекинуваат и се оформуваат, во динамичен процес. Но практиката останува и понатаму врвен критериум на вистината,
Прифаќањето и неумереното користење на медиумските обрасци во вид на виртуелна политичка акција денес, а и во иднина сѐ помалку ќе можат да бидат замена за реалниот и конкретен политички ангажман. Стварноста создадена врз технолошка и жанровска разновидност во мрежата сѐ помалку ќе може да биде замена за вистинскиот живот.

Аљоша Симјановски

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести