7.8 C
Skopje
Saturday, October 23, 2021

Умираме ли од примитивизам и лаги

Најчитани вести

Колку луѓе треба да умираат секој ден за сите во оваа жална Македонија конечно да ѝ поверуваат на науката дека вакцината е најдобра заштита, а вистината најдобар лек за помала смртност од пандемијата. 

Светската наука и врвните научници во медицината, најавторитетните имунолози, вирусолози, инфектолози, нобеловци од светски глас, секојдневно упорно презентираат несоборливи докази дека вакцината е најефикасната заштита, а вистината најдобар лек за помала смртност од пандемијата. Ако само 37 отсто од граѓаните на Македонија досега и поверуваа на науката и се вакцинираа, значи ли тоа дека умираме повеќе отколку во многу други држави, покрај нашите повеќегодишни слабости во здравството, најмногу и поради примитивизам, заостанатост и лажни вести!

Овој стравичен податок, дека високата смртност се должи најмногу на фактот дека отпорот кон вакцината е всушност самоубиствен колективен чин поради неверување во науката иако е емпириски докажано дека 11 пати памалку умираат вакцинираните. Оваа шокантна вистина ги разјаснува причините не само за трагичните последици од пандемијата, туку и за сите наши состојби зошто сме таму кај што сме, на самото дно меѓу најзаостанатите и најсиромашни европски држави.

Во третата декада на 21 век да не се верува ни на науката, ниту на Аврамовите (Ибрахимови) вери кои еднакво проповедаат дека човечкиот живот е најголемата вредност, а неговото жртвување во името на бога е најголем грев, е ужасно сознание не само поради повеќе илјади залудни жртви, туку и поради игнорирање на овој факт и негова замена со политичка, партиска  популистичка пропаганда за правото на избор во името на лажна демократија и слобода.

Каква е таа слобода по цена на илјадници залудни жртви

Која и каква слобода и која и каква е таа демократија по цена на илјадници залудни човечки жртви? Ако човекот е во центарот на вниманието како што се декларираат и заглушувачки со години проповедаат сите политички партии и целото општество, тогаш, бессмислена, поточно кажано убиствена, е јавната расправа и јалови се до болка дебатите кој на кого му го загрозува животот, за правото на избор и за слободата на движење и другите човекови права.

Колку луѓе треба да умираат секој ден за сите во оваа жална Македонија да разберат дека воведувањето на најстроги мерки за заштита на животите на граѓаните, по примерот на многу држави, треба да се оствари со задолжително вакцинирање, освен за случаите кои не ги одобрува науката.

Ако скандинавските земји со десетици милиони жители успеаја да дојдат до над 80 проценти вакцинирани граѓани, Македонија по лошиот старт на вакцинирање, до денес можеше да дојде до над 70, а до зимата над 80 проценти вакцинирани граѓани што ќе ја намалеше смртноста досега за најмалку 2.000 починати. Од овој факт нема поголем аргумент политичките партии еднодушно да застанат зад ригорозно заострување на мерките за заштита од пандемијата. Да, но фактите во политиката кога има отпор кон вакцината лесно можат да се превртат во својата спротивност со трагични лаги.

Пандемијата ќе наложи задолжитела вакцинација

Здравствената комисија, ако ги има проценките за нови бранови на пандемијата како што се најавуваат ќе мора час поскоро најенергично да се заложи за најстроги ограничувања, па голем опсег и до задолжително вакцинирање на вработеите во сите компании државни и приватни, сите фабрики и препријатија, јавните институции, комплетната државна администрација, од државниот врв, владата, парламентот, армијата, полицијата, комплетното здравство, до последниот шалтерски службеник, универзитетите, рестораните, кафеаните, сите јавни собири од свадби до конференции.

Ако тоа го прават држави со голема демократска традиција и со високи дострели во здравството, во што е проблемот тоа да не се направи во Македонија? Ќе имало демонстрации, па нека има. И тоа дел од светската реалност. Владата и државните надлежни институции мора да создадат предуслови за непречено масовно вакцинирање на населението. Ако незадоволството од ограничување на човековите права во време на пандемија и умирања е цената да се изгубат изборите, нека се изгубат. Многу повозвишена цел е да се спасат неколку илјади луѓе пред најавениот зимски бран на пандемијата, отколку да се добијат избори.

Повеќе пати во различни ситуации го повторувам моето изненадување од едно дамнешно интервју со Милан Кучан, поранешниот претседател на Словенија. Во неговиот скромен кабинет, веќе како поранешен претседател на државата, разговаравме долго за следните чекори на Словенија по членството во НАТО и во ЕУ.

Кај еден од најзаслужните државници што Словенија стана членка на ЕУ и на НАТО немаше никаков триумфализам, фалба и еуфоричност, ниту пак некое самозадоволство. На прашањето како и што понатаму по остварување на стратегиските државни интереси претседателот Кучан искажа долг монолог на загриженост дека најголемите тешкотии допрва доаѓаат.

Рече, многу веројатно ќе биде дека најдобар и најуспешен период е остварување на реформите од бриселските поглавја, но сега по членството ние сме на периферијата на Европската унија, ќе биде многу тешко да се справиме со примитивизмот и провинционализмот. За ова ќе мора да отвориме сериозни јавни дебати со учество на голем број познати и авторитетни јавни личности научници и деловни луѓе.

За таа цел формиравме едно тело од повеќе познати личности кои нема да се бават со дневната политика на политичките партии, туку со прашањата како да се надминат некои наши сериозни тешкотии и проблеми во делот на примитивизмот и заостанатоста. Вчудоневиден, со голема доза на неверица го прашав: Словенија и примитивизам, заостанатост, култура, образование? Нашироко ми објаснуваше колку е тоа значајно и пресудно, да не остане Словенија на маргините како европска периферија.

Ако Словенија го има тој проблем, што да кажеме ние изустив. Ќе видите како тоа изгледа кога ќе стане јасно видливо. Знаете, рече, во поранешниот систем на повеќе луѓе не им беа достапни јавните настапи и медиумите. Тука не станува збор за творештвото и науката, туку и за некои опасни популизми, анахрони идеи, примитивен национализам, клерикализам и многу други работи кои во демократијата добиваат гласност и стануваат примамливи за одреден број луѓе.

Подоцна кога таа наезда на примитивизмот, популизмот и национализмот почна заразно да се шират низ македонските јавни гласила, потоа надојде и цунамито низ социјалните мрежи затскриени зад патриотизмот многу пати помислував колку бил во право Милан Кучан. Тоа стана нашата најголема болка и најголем ограничувачки фактор да се забрзаат процесите на европеизација на Македонија.

Нашите актуелни и поранешни претседатели, премиери, политичари, јавни личности, академици и интелектуални и деловни елити, освен ретки исклучоци, никогаш не се нафатија здраво во костец со најголемите зла, како што се заостанатоста и примитивизмот. Напротив, многумина во тоа видоа добра база за допадлива национална стратегија.

Двете лаборатории на МАНУ

Еве само еден пример како соодветна илустрација. Во МАНУ има една реперезентативна  медицинска лабораторија за разни истражувања од генетски до инфективни, основана од академик Горѓи Ефремов. Од таму досега не слушнавме ниту еден научен глас за неопходноста од масовна имунизација. Но затоа пак од една друга лабораторија на МАНУ се обзнанија цела серија на разни драматични платформи за загрозеноста на македонските национални посебности и опасности за губење на идентитетот, за спасување на македонскиот јазик, со идеи за поништување на веќе потпишаните ратификувани договори со соседните земји. Штетите од овие платформи, кои не поминаа низ телата на МАНУ, но затоа одлично поминаа во партиските штабови за предизборни кампањи, па и во парламентот, уште долго ќе ги плаќаат граѓаните на Македонија.

Така, јавајќи на популизмот кој не бил својствен само на политичарите, туку и на научниците, повеќе  патриоти отколку научници, стасавме до таму да не ги  признаваме светските научни достигувања и докажаните закономерности и да ги плаќаме со животи, а да ги прифаќаме домашните интервенции на политиката во науката со широко отворени врати за национализмот.

Колку е лесно да се меси јавноста во Македонија покажува и пописот. Кога политичките партии имаа спротивни мислења за една значајна статистичка операција без која не може успешно да се планира идниот развој, тогаш, пописот беше неспроведлив цели 20 години. Кога дадоа согласност партиите, макар и премолчено, пописот се одвива непречено.

Што прави грубата партизацијата и заостанатоста. Тесто. Некои тоа погрубо го нарекуваат аморфна маса.

Eрол Ризаов

извор: ДВ

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com