Home » Украдена иднина

Украдена иднина

by Журнал.мк

Изборите, независно од тоа кога ќе се случат, се неминовност, а граѓаните на нив, без пардон на сите партии, ќе им ја испорачаат сметката за сето она што го прават или не го прават денес! Она што граѓаните најискрено и животворно ги интересира е политичките партии и нивните „лидери“ да не им ја украдат иднината.

Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ

Кога ќе се согледаат основните содржини на политиките на ЕУ кон Република (северна) Македонија, во актуелниот момент ќе се види дека тие главно се вртат околу две работи.

Прво, тоа е прашањето за „влезот“ на граѓаните на државата со бугарска самосвест во Уставот. И второ, нагласената потреба државата да се справи со криминалот и корупцијата во сопствените институции и општеството во целина.

За да нè потсетат на тие две обврски, се користат сите пригоди и поводи. Понекогаш добронамерно, но понекогаш заканувачки. И, за жал, во право се!

На умниот човек, вели народната поговорка, не треба да му се кажува двапати. Ама на „лидерите“ на политичките партии и на државните великодостојници им е малку да се каже стопати.

Очигледно се прават недоветни и се надеваат дека со игнорирање на овие две прашања ќе се одржат или ќе дојдат на власт.

Иднината на државата воопшто не ги интересира! И со едното и со другото прашање се прават најприземни политички калкулации, во однос на тоа колку нивното разрешување или заострување ќе им влијае врз политичкиот рејтинг и можноста да се освои или да се остане на власт.

КОЈ ВО КЛИН, КОЈ ВО ПЛОЧА

Со тоа, партиско-политичките „лидери“ во државата уште еднаш потврдуваат дека најголемите непријатели на граѓаните се токму тие. Тие и никој друг се тие што се коцкаат со иднината и судбините на граѓаните само заради своите егоистични лични и партиски цели.

Токму затоа, одговорноста за (не)успехот на државата во придвижувањето на политиките во однос на овие две прашања, подеднакво го делат, како власта, така и опозицијата.

Власта никако да разбере дека нејзиното бегство од одговорноста за справувањето со криминалот и корупцијата, на крај ќе ја платат граѓаните и државата. Но, се разбира дека граѓаните нема да останат должни за тоа!

Истото важи и за опозицијата, кога станува збор за „внесувањето“ на Бугарите во Уставот.

Ставањето на овие две работи во контекст на дневно-политичките интереси и калкулации и, пред сè, во контекст на претстојните избори е еднакво на национално и државно предавство!

И едните и други треба да знаат (а ако не знаат, треба да бидат свесни дека на следните избори ќе платат цена за тоа) дека без разрешување на овие две прашања (независно од нашите лични желби и определби) државата нема иднина. Едноставно и просто – „морално е“!

ПОЛИТИКИ НА ИНАЕТ

Секоја политичка калкулација со нив набргу ќе се покаже како погубна за одделни политички партии и нивните „лидери“. И, се разбира, секако, за граѓаните.

Оттаму, лидерот на ДПМНЕ, Христијан Мицкоски треба да знае дека барањето за предвремени парламентарни избори повеќе нема политичка вредност, освен, се разбира, задоволување на личните и партиските суети.

Од аспект на политичките состојби и процеси во државата, вклучувајќи го тука и политичкиот легитимитет на власта, повеќе е неважно дали изборите ќе се одржат наесен или напролет. Не дека времето не е важно, но од аспект на политичките и економските состојби во државата, очигледно е дека ништо нема да се промени.

Истото важи и за „лидерите“ на СДСМ и ДУИ, Димитар Ковачевски или Али Ахмети. И едниот и другиот не можат да избегаат од сопствената одговорност за состојбите со криминалот и корупцијата во државата и нивното настојчиво одбивање „државата“ да се справи со нив.

Изборите, независно од тоа кога ќе се случат, се неминовност, а граѓаните на нив, без пардон на сите партии, ќе им ја испорачаат сметката за сето она што го прават или не го прават денес!

Она што граѓаните најискрено и животворно ги интересира е политичките партии и нивните „лидери“ да не им ја украдат иднината (кога веќе им ја украдоа сегашноста) заслепени од својата себичност во борбата за власт и пари.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk