Владата ги прифати препораките за укинување на мерката за задолжително поседување Ковид-19 сертификат за влез во трговски центри/молови, сертификатот за прележан Ковид-19 наместо 45 да трае 180 дена и укинување на одлуката со која бремените жени се ослободуваат од работа и работни обврски со физичко присуство на работното место.
Според соопштението на владината прес- служба, за влез во трговски центри/молови, останува задолжително носењето заштитни маски, додека обврска за задолжително поседување на Ковид-19 сертификат останува за влез во угостителските објекти каде што се служи храна/пијалак, кои се во состав на трговски центри/молови.
Врз основа на предлозите на Комисијата за заразни болести Владата донесе одлука да ја прифати и препораката бремените жени да се вакцинираат. Владата донесе одлука да се укине и барањето за задолжителен Ковид-19 сертификат за излез од територијата на Република Северна Македонија.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 300.106, бројот на оздравени пациенти е 288.761, на починати е 9.097 а бројот на активни случаи изнесува 2.248