Home » Уапсен амбасадорот на БиХ во Катар

Уапсен амбасадорот на БиХ во Катар

by Журнал.мк

Според достапните информации, обвинителството го товари за злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, фалсификување службени исправи и давање и примање подароци и други облици на корист

Амбасадорот на Босна и Херцеговина во Катар, Абдулах Скака, е уапсен денеска во Сараево под сомнение за злоупотреба на положбата и овластувањата во периодот во кој ја извршувал функцијата градоначалник на Сараево, потврди локалната полиција. Откако истражителите изутрината извршиле претрес во семејната куќа на Скака во Сараево, тој бил приведен по наредба на Обвинителството на округот Сараево, кое води истрага против него.

Според достапните информации, обвинителството го товари за злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, фалсификување службени исправи и давање и примање подароци и други облици на корист. Абдулах Скака беше избран за градоначалник на Сараево како претставник на Партијата за демократска акција (СДА) по локалните избори одржани во 2018 година.

Тој бил избран со тесно мнозинство во Градскиот совет, а подоцна се покажало дека на таа функција стигнал благодарение на политичката корупција.

Во еден од снимените телефонски разговори, чија содржина ја објавија локалните медиуми, поранешниот претседател на кадровската комисија на СДА, Асим Сарајлиќ изјавил дека изборот на Скака го „договарал“ поранешниот директор на Агенцијата за разузнавање и безбедност (ОСА) Осман Мехмедагиќ, кој како контра-услуга за глас на советник на својот татко му обезбедил деловен простор.

Во процесот што се водеше пред Општинскиот суд во Сараево, Сарајлиќ беше ослободен од обвинението со образложение дека телефонскиот разговор бил незаконски снимен, а Мехмедагиќ не бил ниту вклучен во обвинението.

СДА на крајот од неговиот градоначалнички мандат, го награди Скака со амбасадорска функција. Претходно овој месец, во Сараево за корупција беше уапсен и амбасадорот на БиХ во Малезија, Сенаид Мемиќ, кој исто така беше назначен од СДА.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk